
Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе зад себе запиша извонреден успех со триумфот на легендарната патека „Имола“ во Италија во рамките на ЕТЦЦ шампионатот.
„Летечкиот Македонец“ е првиот во нашата историја со вака значаен резултат кој носи само поголем импулс за понатамошна работа и мотив за идната сезона далеку поуспешни резултати. Стефановски не можеше да го сокрие задоволството од триумфот на првата трка во Имола, потенцирајќи дека се надева дека и следната година ќе го повтори овој успех.
– Секако, триумф на легендарната Имола е остварување на еден сон. Ова е за Македонија, за мене и за мојот тим. Триумфот е награда за сиот мој труд изминатиот период и мотив повеќе за идни уште подобри резултати – вели Стефановски, кој ја донесе и првата победа за својот нов тим за кој се натпреварува, „Леин рејсинг“ од Србија.
За жал, Стефановски во втората трка во Имола имаше судир со возилото со Труфер, по што излета од патеката и не успеа да ја заврши трката…
– Малку е измешано чувството по втората трка во која не можев да спречам таков судир, бидејќи беше надвор од моја контрола,, но сепак останува гордоста за триумфот – дополнува Стефановски.
Стефановски ја заврши својата дебитантска сезона во ЕТЦЦ со 14 освоени бода, но мора да се истакне дека Стефановски не возеше на три трки од ова натпреварување во финишот од сезонава, пред да потпише договор со тимот на „Леин рејсинг“ од Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


