Повеќе од 1.000 граѓани од цела Македонија, меѓу кои и многу жени кои што во моментов се борат или веќе се избориле со рак на дојка, денеска со традиционалната розова прошетка и трка во Градскиот парк во Скопје им изразија поддршка на сите заболени од овој вид канцер. Прошетката и трката се дел од манифестацијата „Напред розово 2016“.
Годинава, во рамките на манифестацијата, за првпат се организираше и хуманитарна трка во Градскиот парк во должина од 1 километар. Рекреативни тркачи, професионални атлетичари, мајки со бебиња во колички, мали девојчиња, повозрасни жени, но и членови на нивните семејства, беа дел од розовата трка која нема натпреварувачки карактер. По завршувањето на трката, сите учесници на манифестацијата облечени во розови маички заедно се упатија на симболична прошетка низ паркот преку која ја искажаа својата поддршка за оние што се борат со рак на дојка.
Пред официјалниот стар на трката учесничките се загреваа со зумба, а забавата продолжи и по завршувањето на трката со диџеи и лотарија за сите учесници на манифестацијата. Притоа, голем дел од нив дома заминаа со награди кои ги обезбедија компании-поддржувачи на настанот.
Претседателката на „Борка“ и на Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, пред стартот на прошетката истакна дека ракот е потенцијално излечива болест која што може да се победи исклучиво преку вложување во професионално и етичко работење.
– Тоа подразбира навремена дијагноза, ефективно лекување и достапност до современ третман и терапии. И покрај сите заложби на граѓанскиот сектор, здравствените институции и Владата, состојбата во нашата земја е алармантна и ни укажува дека малигните заболувања мора да станат приоритет на здравствените власти преку интензивно градење на одржлива Национална стратегија за контрола на ракот со цел да се подобрат поразителните факти – рече Додева.
Сите собрани средства од регистрацијата за трката и прошетката ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.
Ракот на дојка е најчестиот тип дијагностициран рак кај жените во светот, а по смртноста овој вид карцином е на прво место во светот и во Македонија. Минатата година во земјава се откриени околу 1.200 нови случаи на рак на дојка или просечно по 3-4 жени дневно. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години. Според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.