Десеттиот и јубилеен фестивал на виното е во полн ек. На плоштадот „Мајка Тереза“ пред МОБ во Скопје, до недела секој ден од 12 часот, па до раните утрински часови, гостите на „Винскоп“ може да уживаат во добро вино од домашни и странски винарии, закуски и музика.
Пред нас е третата вечер на „Виноскоп“, а веќе поминаа куп изведувачи од различни жанрови. Првата вечер помина во знакот на фолк музиката со македонските фолк-легенди Миле Кузмановски и Ефто Пупиновски. Доброто вино одлично лизгаше на „Туѓа си бескрајно“, „Не кани ме“, „Тинке Катинке“, „Крал без круна“, „Дојди ми Лено на перниче бело’… Се пиеше и се играше цела ноќ.
Миле Кузмановски е веќе резидент на „Виноскоп“ и на пролетниот „Винофест“ во Скопје, па вели дека неговата музика повеќе оди со добро македонско вино, додека пак Ефто вели дека докажа дека неговата музика се слуша и со пиво и со вино.
Тој направи одлична забава и на „Пиволенд“ пред месец дена.
Втората вечер ја одбележаа „Ортодокс Келтс“ од Србија, мајстори за ирска музика како што ги нарекуваат.
– Секоја година настапуваме на „Беер Фест“ во Белград и собираме по 200 000 публика. Но, вчера во Скопје докажавме дека на нашата разиграна музика се пие и добро македонско вино. Имате одлично вино – велат од бендот.
Најголемо внимание на публиката привлекоа двете бабички кои неуморно играа пред нив цела вечер.
– По долгогодишното искуство со работа на фестивали, веќе добро знаеме кои изведувачи да ги викнеме на „Пиволенд“, кои на „Виноскоп“. Има бендови кои се малку поагресивни, пожестоки па нивната музика одговара за пиење пиво и журкање на Кале. Не би можеле да ги вклопиме на „Виноскоп“ каде што доаѓа и многу постара публика– вели Тина Мицковска од организацијата на „Винскоп“.
Исто така и електронската музика оди повеќе со пиво, смета Мицковска, која не може да заслиски да пие вино на техно музика.
– Но, затоа за со вино одлични се Џамбазов, Џорлев, Четкар, Владо Јаневски, Вања Лазарова, Тавитијан, Дарио, „Синтезис“… Сите овие биле дел од „Виноскоп“. Секако секогаш има и такви кои сами се нудат да настапат, на дел од нив ако се квалитетни им даваме шанса. Многу млади бендови кои денеска се успешни своите први шанси ги добиле токму на нашите фестивали – вели Мицковска.
Таа додава дека досега речиси никој од изведувачите не одбил да учествува на фестивалите кои ги организираат.
– За добар хонорар секој прифаќа настап, особено поради тоа што „Пиволенд“ и „Виноскоп“ се двата најпознати фестивали во Скопје. Единствено не одбиле некои кои не биле задоволни од хонорарот кој им бил понуден, но треба да знаете дека е многу тешко да се обезбедат толку финансии и да се платат околу 30 изведувачи за фестивал – вели Мицковска.
Повеќе фотографии од првите две вечери тука.
Погледнете ја целосната програма за вечер и следните два дена:
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.