| четврток, 6 декември 2018 |

„Хиперлуп“ – транспорт на иднината побрз и од авион

hiperlup

Замислете дека патувате во долгнавеста капсула која се движи по водови на цевки, а вие „летате“ со брзини поголеми и од 1 000 километри на час. Тоа е идејата на „Хиперлупот“ – систем за транспорт кој со сигурност ќе го промени начинот на кој размислуваме за мобилноста и превозот, кој ќе функционира со помош на вакумска технологија и се најавува дека ќе биде подобар и поевтин од високо брзинските железници.

Новиот концепт како начин и опција за патување се очекува да биде достапен за користење во блиска иднина, а како идеја го иницирал Елон Маск уште во 2013 година, претприемач кој стои за „Пејпел“, основач и прв човек на „Тесла моторс“. Маск првичната идеја ја замислил како брза воз-капсула која патувањето од Лос Анџелес до Сан Франциско (многу фреквентна линија на превоз во САД со дистанца од 600 километри) ќе го скрати од шест часа со автомобил на само 30 минути.

Станува збор за концепт сличен на оној кој се користел во минатото од затворен систем на цевки, но во модерната варијанта би транспортирал капсули со патници, или пак со товар, кои ќе достигнуваат брзини на движење и над 1 000 километри на час, што се поголеми од просечните брзини со кои летаат авионите.

„Хиперлупот“ функционира со создавање низок притисок внатре во цевката од каде воздухот ќе биде извлекуван со моќни вентилатори. Тој низок притисок ќе и овозможи на капсулата полна со патници да движи од една точка до друга со многу големи брзини – исто како што и авионот може да патува побрзо на голема надморска височина, со многу малку енергија.

hl2
Со него патувањето од Лос Анџелес до Лас Вегас би можело да трае околу 20 минути, со суперсонична брзина од 760 милји на час (1 200 километри на час). Тоа е многу побрзо од летот на комерцијален авион, кој главно се движи со брзина од околу 800 километри на час.

За развивањето на овој револуционерен начин на транспорт веќе има мини-полигони кои се наменети исклучиво за тестирање, а компанијата „Хиперлуп технологии за транспорт“ сега отишла и еден чекор понатаму во визуелизација за тоа како би изгледало потенцијалното патување низ овие цевки.

Муск прв ја претставил идејата, но потоа им препуштил на други компании да ја развијат. Фирмата од Лос Анџелес „Хиперлуп Еден“ веќе обезбедила 80 милиони долари за новата фаза во развојот на овој амбициозен проект. Во неа тие планираат да ја тестираат првата капсула на нивната пробна траса во пустината во северна Невада.

Нивните конкуренти пак, „Хиперлуп технологии за транспорт“ во кои работат и инжињери од НАСА и „Боинг“, објавиле дека веќе ја лиценцирале „пасивната магнетна левитациска технологија“ која им е потребна за развивање на нивната визија за “Хипелупот“.

hl3

Механизмите за патување без триење им се препуштени на мајсторите на вакумска технологија чија задача е да создадат средината со нула притисок.  Местото каде што се спроведуваат дел од тестирањата за “Хипелупот“ е Квеј Валеј, локација во близина на Лос Анџелес, опишана како модел на мал град од 21 век, еко-заедница изградена да ја апсорбира растечката популација на Калифорнија.

Во мај годинава „Хиперлуп Еден“ јавно го одржале и првиот тест на нивниот “Хипелуп“, а настанот го проследиле бројни гости, новинари и заинтересирани инвеститори. Пробата била одржана во пустината во Невада, а тестот бил оценет како успешен.

Шасијата на капсулата ја достигнала предвидената за тестот брзина од 200 километри на час без цевки со намален притисок, а потоа се забавила според очекувањата.

„Хиперлуп Еден“ има неколку партнери од Европа, меѓу кои и компании од Финска чии претставници по тестот потенцирале дека не можат да видат ниту една причина зошто ова не би успеало и дека е единствено е прашање на време кога замислата ќе се реализира.

Останува да го дочекаме и овој вид на транспорт кој навистина делува и звучи футуристичи, а доколку стане реалност би било навистина возбудливо за патниците во него.

„Хиперлупот“ ќе стигне и во Европа

Во мај оваа година, „Хиперлуп технологии за транспорт“, една од компаниите која го развива овој концепт, објави дека постигнала договор со Словачката влада. Како што информирале тие на својата веб страна, во следните чекори ќе биде индетификувана рутата за „Хипелрупот“ во оваа европска земја, која за подоцна е планирано да се поврзе со Австрија и Унгарија.

 

(Текстот е објавен во 212 број на неделникот „Република“, што излезе од печат на 23.09.2016 година)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top