| четврток, 6 декември 2018 |

Интернационален симпозиум „Кураторски размени“

На 30 септември (петок) и 1 октомври (сабота) во организација на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачи на Проектниот простор „Прес ту егзит“, Христина Иваноска и Јане Чаловски ќе биде организиран вториот дел од Интернационалниот годишен симпозиум под наслов „Кураторски размени“, кој е реализиран во соработка со: Клуб ГЕМ (Скопје), MAD Kitchen (Скопје), Modesty (Токио) и Социјалниот центар „Дуња“(Скопје), а поддржан е од Министерство за култура на Република Македонија, Совет на Град Скопје и Австриска амбасада во Скопје.

Овој 5 по ред симпозиум, ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства, кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Намерата на симпозиумот е да даде увид во различни дискурзивни презентации и проекти кои преиспитуваат до кој степен институциите, јавноста и уметничката практика кореспондираат со развојните концепти за критичко курирање. Улогата и сѐ по забележителното влијание на кураторот во контекст на културната продукција воопшто, како и условеноста на неговото делување во и вон институционалните рамки, ќе бидат подложени на критичко размислување и анализа со секоја презентација и работна сесија. На тој начин симпозиумот ќе се обиде да адресира различни методологии и услови кои ја дефинираат кураторската практика како канал за социјални и политички критики и како практика изразена како логичен континуитет во процесот на поттикнување на културните, како и социо-политичките промени во современото општество.

Неодамна во рамки на симпозиумот свое излагање имаше иманетната словенeчка кураторка Бети Жеровц, а во петок  со почеток од 10:30,  12:00,  13:30,  15:00 и 16:30 часот на платото пред Музејот на град Скопје закажана е аудио-тура со македонската уметничка и урбана истражувачка од Берлин, Ивана Сиџимовска под наслов  „Раскажувајќи го Скопје”, која е дел од нејзината докторска дисертација.

Истиот ден со почеток во 19 часот во клубот ГЕМ во Скопје (над кафулето Менада) отворено предавање ќе одржи Елке Красни, австриска кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка, под наслов „Инволвирано: Урбани кураторски практики“ проследено со отворена дискусија.

ivana-sidzimovska

Во сабота со почеток во 11:00 часот, па се до 14:00 во Социјалниот центар „Дуња“ (ул. Рајко Жинзифов 22, Скопје) Елке Красни ќе одржи отворена работна сесија за урбаните културни практики  во фокус на прашањето: Што е потребно за да се биде инволвиран? На работилницата заеднички ќе се работи на поимот на вклучување, кој обединува мисли и чувства.

Елке Красни, ќе направи вовед во концептот за инволвираност наспроти историите и теориите за урбаните интервенции, привремено експерименталната архитектура, социјално ангажирани уметнички практики, како и критички просторни практики. За својата презентација Красни појаснува: „Инволвирањето значи и споделување и вплеткување. Кои се импликациите и компликациите од ваквото споделување и вплеткување, односто инволвираност? Урбаното курирање е инволвирано во материјалните, социјалните, културните, политичките и економските урбани состојби. Урбаното курирање е дел од динамиката на урбана трансформација. Затоа, урбаното курирање е вмешано во, и воедно искомплицирано од состојбите во реалниот свет, во услови на глобализиран неолиберализам, постколонијализам, меѓународна миграција, нееднаков развој, и урбани кризи. Инволвираната практика, оттука, условува критичко истражување, материјалистичка анализа, трансверзална соработка. Инволвираната практика се базира врз повеќе различни распределени урбани сознанија, во мноштво. ”

Елке Красни (Elke Krasny) е кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка. Таа е професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија. Нејзината теоретска и кураторската работа е цврсто вкоренета во општествено ангажираната уметност и просторна практика, урбана епистемологија, постколонијална теорија и феминистичка историографија. Во нејзината концептуално насочена и истражувачка кураторска практика таа ги преиспитува вкрстувањата меѓу уметноста, архитектурата, образованието, феминизмот, контекстот, просторните политики и урбанизмот. Нејзина цел е да даде придонес во иновациите и дебатите во овие области, преку соединување на експериментални пост-дисциплинарни сојузи меѓу истражувањето, учењето, кураторството и пишувањето.

 

Уметничкиот дел од докторското истражување на Сиџимовска „Раскажувајќи го Скопје. Скопје 2014: Хегемониски и спекулативни наративи“ е поврзан со неолиберални симболични урбани реконструкции, со фокус на преобразбата на градот Скопје односно ефектите на урбаното обновување врз јавниот простор. Создадена на основ на граѓаните и нивните субјективни приказни, замислени ситуации и искуства на урбаното, кои ги споделиле при прошетка со авторката, се создава шпекулативен наратив на градот, во кој се проектираат идеи за повторна проценка, преформулирање и поинакво толкување на реконструкцијата. Во комбинација со повеќе сонични опсервации, снимани на бинаурален начин, оригиналните интервјуа со граѓаните се процесираат, преведуваат и развиваат во форма на интерактивна сонична прошетка.

Ивана Сиџимовска е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Има завршено додипломски студии на Факулетот за ликовна уметност на Педдагошкиот оддел во Скопје и магистерски студии на Факулетот за ликовна уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни стратегии. Нејзината уметничка пракса и истражување вклучува трансдициплинарна работа помеѓу уметност, архитектура и урбана социологија и најчесто е поврзана со работа во јавниот простор, притоа употребувајќи различни методи, медиуми и техники. Oд 2012 таа е докторски кандидат на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за дизајн и медии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top