Постои изреката „Ние сме тоа што го јадеме“. Последнава деценија сѐ почесто почнуваме да се интересираме за составот на храната што ја јадеме, потеклото, нејзините нутритивни вредности.
– Мислам дека е неопходно и, во принцип, вклучувањето на нутриционистите како во едукативниот, така и во здравствениот систем, треба да биде задолжително – вели во интервју за „Република“ Сашко Дрвошански, нутриционист, магистранд по нутриционистички науки.
Зошто кај нас нутриционизмот најчесто се сфаќа како диета за слабеење, а не како наука за исхраната?
ДРВОШАНСКИ: Мислам дека причината за таквата перцепција кај нас е резултат на повеќе фактори. Нутриционизмот како мултидисциплинарна наука треба ја проучува исхраната и начинот на кој таа влијае врз здравјето на човекот. Кај нас нутриционистичките услуги, главно, се фокусирани на подготвување диети за намалување на телесната тежина и поради тоа донекаде и очекувањето на луѓето е дека, практично, само таков тип диететски препораки можат да добијат од страна на нутриционист. Но, од друга страна, и државата и институциите треба да му помогнат и да ги промовираат значењето и потребата од учество на стручни и на образовани нутриционисти на повеќе нивоа на општественото дејствување: како дел од работата на медицинските установи, во образовниот систем, во спортски клубови, во поголемите работни организации / компании каде што може да се подобри квалитетот на исхраната на вработените, во мензите и, секако, преку зголемување на информираноста на населението, генерално, за потребата од промена на прехранбените навики во функција на подобрување и на одржување на здравјето. Владината медиумска кампања беше добар чекор во таа насока, но, секако, потребно е многу поголемо дејствување на различни основи и нивоа. Катедрите по нутриционизам и квалитет и безбедност на храната, при Техничко-технолошкиот факултет од Велес имаат одлична студиска програма и програма за постдипломски студии за стручно оспособување на потребните кадри, но без потребната поддршка од институциите, факултетот не е во можност сам да ја наметне потребата од промените што ги споменав.
Колку е неопходно нутриционистите да бидат вклучени во едукативниот и во здравствениот систем на Македонија?
ДРВОШАНСКИ: Мислам дека е неопходно и, во принцип, вклучувањето на нутриционистите како во едукативниот, така и во здравствениот систем, треба да биде задолжително. На пример, правилниците за исхрана на децата во градинките и во основните училишта имаат елементарни нутриционистички стандарди и препораки за храната и се фокусираат на потребното енергетско, т.е. калориско внесување во организмот за одредена детска возраст. Препораките, во основа, се однесуваат само на внесувањето макронутриенти (јаглени хидрати, масти и протеини) и претставуваат само некаков квантитативен метод на дефинирање на потребите на детската прехрана, но не и квалитативен. Потребни се многу потесно регулирани стандарди во однос на исхраната во училиштата и во градинките, со цел да се постигне таа да биде поквалитетна, нутритивно побогата, поприродна, а со сето тоа и подобра за здравјето и за развојот на децата. Вклучувањето на нутриционистите во образовниот систем би овозможило континуирано следење и приспособување на исхраната на децата во училиштата и во градинките. Потребни се редовни предавања за учениците и проекти во кои учениците би учествувале во самата подготовка на храната, па дури и во нејзиното производство. Исто и за здравствените установи, со исклучок на интервентната медицина, како хирургијата, во голем дел медицинската грижа за пациентите по дијагностицирањето одредено заболување се сведува на терапија што не е во функција на отстранување на причините за заболувањето, туку само ги третира симптомите на болестите. Затоа многу често правилно поставени диетотерапии или примена на одредени суплементи во исхраната во комбинација со одредена медицинска терапија или дури и како нејзина замена, можат да дадат многу подобри резултати во лекувањето одредена болест. Но, за тоа е потребно и здравствениот систем да ја признае и прифати таа потреба и да вклучи нутриционисти во работата, да доедуцира такви кадри или да дава препорака на пациентите за примена на соодветни диететски режими, надвор од тие застарени или стереотипни препораки што ги даваат докторите.
Дали Македонците се свесни за последиците од неправилна исхрана?
ДРВОШАНСКИ: Генерално, свесноста на Македонците за последиците од неправилна исхрана е на многу ниско ниво. Тоа е последица од фактот што населението не може да ја направи врската меѓу лошата прехрана и нарушеното здравје. Делумно тоа е затоа што лошите прехранбени навики и недостигот од нутриенти во исхраната или внесувањето инфламаторни или токсични продукти во исхраната не дава никакви симптоми и тегоби на нарушено здравје веднаш. Но, лошата исхрана, во периодот на низа години или понекогаш и децении, со сигурност ќе резултира со нарушување на здравјето и појава на болест. На пример, дегенеративните заболувања на мозокот и на нервниот систем како Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест, или деменција се создаваат во третата и во четвртата деценија од животот, но симптомите на тие болести се манифестираат од шестата деценија натаму. Улогата на храната во одржување на човековото здравје е сѐ почеста тема, која се обработува во медиумите. Од една страна тоа е убаво и помага во подобрување на свеста и на информираноста на населението, но, од друга страна, постојат многу нестручни, нецелосни, лошо презентирани или „лошо преведени“ информации, кои кај луѓето можат да предизвикаат поголема забуна. Добро е што постојат и некои чекори за информирање на населението преку кампањи и на национално ниво, но потребно е многу поголемо и континуирано дејствување за, навистина, да ја издигнеме свеста на населението.
Каква е врската меѓу храната и појавата и ширењето на болестите?
ДРВОШАНСКИ: Со мали исклучоци, појавата на речиси сите болести на современото урбано живеење, како на пример кардиоваскуларните болести, дегенеративните заболувања на мозокот и нервниот систем, заболувањата на органите на гастроинтестиналниот тракт, дури и автоимуните и многу други заболувања во најголема мера се резултат на лошата исхрана, потоа вкупниот начин на живот и, секако, влијанието на животната средина. Конкретно, од една страна имаме континуирана малнутриција и недоволно, несоодветно или некогаш прекумерно внесување на нутриентите потребни за човечкиот метаболизам, а од друга страна имаме присуство на многу токсини од животната средина, воздухот, водата и од почвата, кои на повеќе начини, но најмногу преку храната, ги внесуваме во нашиот организам. Постои голема контаминација на земјоделските производи, контаминација со додавањето на адитиви и конзерванси при преработката, а храната може да се контаминира и при складирањето, а во голема мера и при самата подготовка. Како што споменав постојат неколку фактори, но во основа, причината за појавата на болестите е нарушената физиологија на клетките, односно недостигот од нутриенти или неможноста да ги примат или искористат нутриенти потребни за нивниот метаболизам.
Кој е светскиот тренд во областа на нутриционизмот, здравата и квалитетна храна и исхрана?
ДРВОШАНСКИ: Кога станува збор за правилна исхрана мислам дека не можеме да зборуваме за трендови. Во основа, таа значи оптимално, избалансирано внесување на сите нутриенти, како макро нутриентите така и микронутриентите (витамини, минерали, антиоксиданси и други биоактивни молекули) што се потребни да обезбедат непречена клеточна функција и метаболизам. Во прва мера, ова значи внесување природна, неконтаминирана, органски одгледана и нутритивно богата храна. Тоа би бил режим на исхрана што се темели на намирници од растително потекло, но вклучува и нутритивно богати намирници од животинско потекло. Сега веќе и науката потврдува дека диететските режими не се поставуваат само врз основа на калкулација на калориското оптоварување на макронутриентите. Секоја намирница, секој тип храна, покрај калориското т.е енергетското внесување е носител и на специфични информации, односно има специфична биолошка активност и функција во организмот, во согласност со тоа исхраната или соодветни диететски режими не можат да се темелат само на количината и на калориското внесување, туку треба да се разгледуваат во поширока смисла. Значајно е и што денес веќе недвојбено се потврди дека порано препорачуваниот режим на исхрана базиран на ниско ниво на масти или популарните диети со малку маснотии во исхраната (Low fat diet), кои, во основа, најчесто резултираат со прекумерно внесување јаглехидрати, не само што не се добри за здравјето , туку се и главен причинител за појава на хронични воспаленија и болести. Здравата исхрана има значајно место за мастите, вклучително и холестеролот, кој претставува молекул со многу важни, есенцијални функции во човековиот организам. Потоа, во последно време значителен е бројот на научни студии што ги потврдуваат позитивните ефекти на постењето, како прекинато – привремено постење (Intermitent fasting) на производството на енергија и на функцијата на митохондриите во клетките. Потврдена е виталната улога на цревната микрофлора, не само во апсорбирањето на храната и синтезата на нутриенти, туку и во функцијата на регулација на имуниот систем, па дури и генетската експресија кај човекот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто беше објавено во 212. број на неделникот Република, 23.9.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.