| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ се чувствува прекрасно и ќе игра против Реал Мадрид во финалето на Евролигата

Перо Антиќ одигра извонреден меч за актуелниот европски првак Олимпијакос, против ЦСКА, која падна по вторпат во важен меч, а македонскиот репрезентативец, вели дека се чувствува прекрасно. Грчкиот тим победи со 69-52. Антиќ даде 13 поени, најмногу кај победникот, заедно со Кајл Хајнс.

– Какво прекрасно чувство. Не можам да го опишам со зборови. Ние дефинитивно сме најдобрата група играчи во Европа, никој нема подобар менталитет од нас. Сите му се подредуваме на тимот, играме заедно, братски, секогаш сме тука еден за друг. Тоа е нашата тајна. Сите гледаа на нас како на аутсајдери, но тоа беше само дополнителна мотивација. ЦСКА е многу добар тим, но денеска ние доминиравме во текот на сите 40 минути, целосно ги запревме во нивниот налет и заслужено победивме. Ова беше сосема спротивен меч од ланското финале, кога славевме со поени во самиот финиш, но сметам дека сите навивачи што платија билет, за да го следат ова финале уживаа во нашата претстава – е изјавата на Перо Антиќ, за официјалниот сајт на Евролигата.

Во недела, тој и Олимпијакос, ќе играат за вториот трофеј по ред против Реал Мадрид.

Во кошaркарското „Ел Класико“ Реал ја совлада Барселона со 74-67 и ќе се обиде да стаса до деветтата титула во Европа. Фелипе Рејес даде 17 поени за победничката екипа, а Серхио Љуљ постигна 13 поени. Кај Барселона Уертас забележа 19 поени, најмногу на натпреварот, додека Анте Томиќ беше втор стрелец со 18. Иако каталонскиот гигант ги имаше двајцата најдобри стрелеци на полуфиналето со Реал, лутиот ривал се пласира во финалето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top