Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ, за нешто повеќе од половина час ќе биде на паркетот во „О2“ арената во Лондон, на мегдан на ЦСКА Москва, со својот тим Олимпијакос, во обид да се одбрани ланската титула во Евролигата.
Првото полуфинале почнува во 18 часот, а ќе биде реприза на минатогодишното финале од Истанбул, кога со кошот на Принтезис во самиот финиш, Олимпијакос и Антиќ го освоија вредниот трофеј. Европските прваци од Атина и овојпат се аутсајдери како и во Истанбул, бидејќи ЦСКА има вистински дрим-тим. Теодосиќ, Крстиќ, Вимс, Кријапа, Џексон, Папалукас…. се извонредни мајстори на кошарката и сакаат реванш за поразот од финалниот меч во 2012 година.
На спротивната страна, во таборот на Антиќ и останатите кошаркари во „црвено-бели“ дресови, нема императив и тоа може да биде голема предност на Олимпијакос, иако на хартија тие се аутсајдери. Но, така беше и во Истанбул, па грчкиот тим ја донесе титулата во Пиреа. Двете екипи атакуваат на нова шампионска круна. Досега тимот од Москва има 6 трофеи со 10 настапи на фајналфор турнирот во последните 11 сезони, што е импресивен биланс. Олимпијакос е во мисија на освојување на третиот пехар, во најценетото клупско натпреварување на стариот континент.
Финале пред финале, ќе биде шпанската пресметка на вечните ривали, Реал Мадрид и Барселона од 21 часот. „Ел Класико“ за сите вкусови, но овојпат не фудбалско, туку кошаркарско. Ќе може да го проследат во живо 20-на илјади гледачи во „О2“ арена, вечерва. Реал е фаворит на хартија, тимот од Мадрид го посакува деветиот европски трофеј, а Барселона атакува на третата круна. Финалето ќе се игра в недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


