Може ли, смее ли, воопшто, еден обвинител, па бил тој и специјален, каква што е Kатица Јанева, да истапи со такво тврдење дека постои речиси општ нелегитимитет на најзначајните институции во земјава? Не смее, но, ете, нам и тоа ни се случува, го коментира Бранко Ѓоргиевски во „Деневник“ последниот излет на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Фокусиран на опасноста што произлегува од сериозноста на тврдењето на Јанева, кое првпат беше кажано уште во април годинава, тој потенцира дека по завчерашното повторување на истите ставови сериозно мораме да се запрашаме што и како ни се случува поврзано за правната разрешница на случајот со масовното прислушување, кој е во основа на политичката криза.
„Првата изјава на специјалната обвинителка за нелегитимноста на институциите беше доволно предупредување дека нешто не е во ред со функционирањето на ова новововедена институција. Но, фактот дека е создадена врз основа на политички договор и дека очигледно не е во согласност со уставните одредби кои се однесуваат на Јавното обвинителство, не смееше да значи дека таа ќе оди по линија на кршењето на правните правила. Во работата на СЈО, пред сѐ, мораа да бидат објективноста и непристрасноста во постапувањето.
А што се доби сега? Се доби орган чијшто прв претставник отворено кажува дека најважните институции во државата немаат легитимитет, бидејќи се конституирани преку изборните циклуси во кои царувале изборните измами. Уште во април биле собрани 80 проценти од доказите што тоа го потврдувале. А 20 проценти што недостигаат за нешто да биде стопроцентна вистина очигледно уште се чекаат бидејќи обвинението за изборни криминали во случајот наречен „Титаник“ уште го нема. Можеби и ќе дојде, но сега е проблем како специјалната обвинителка може да тврди дека имало изборни измами и дека институциите немаат легитимитет кога таа не е орган кој тоа може да го каже. Таа е избрана за да докажува нечија вина, нечиј криминал и врз основа на тоа виновниците да бидат казнети, но не и да дава политички изјави за нечиј нелегитимитет. Такво нешто може само да произлезе од судската одлука преку постапка во која ќе се соочат аргументите како на обвинителството така и на одбраната. Јанева може да е убедена во нечија вина, во некаква голема изборна измама, но таа не е личност и функционер што тоа треба да го кажува во јавност. Доказите со кои располага, врз основа на кои предизвикува конфузии и револт во јавноста, можат и треба да се вреднуваат само во судската сала и по што ќе се знае дали се веродостојни или не.
Дотогаш тврдењата од ваков тип се контрапродуктивни, нанесуваат политичка штета бидејќи засеганата страна со право реагира на однесувањето што премногу излегува од вообичаените обвинителско-бранителски тактики со тврдењата што одат во крајност да се дојде до целта во судниците. Специјалната обвинителка нема право на таквата „тактика“ бидејќи таа е именувана на таква функција за да се дојде до вистината за масовното прислушување и наводните кривични дела што произлегуваат од него. Ваквите тврдења, едноставно, не водат кон тој пат, туку се патека што предизвикува премногу сомнежи за вистинските намери на СЈО и на оние што стојат зад него. А на првата етапа веќе се дојде до нелегитимитетот на СЈО.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.