Македонија добива најмалку 400 милиони долари во форма на дознаки годишно што е околу 4 проценти од БДП, покажуваат резултатите од двегодишното истражување што беше спроведено во рамки на проектот „Миграцијата како социјална заштита: Анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки“.
Во просек, семејствата во Македонија примаат по 2.500 евра во текот на годината како прилив од нивни блиски во странство и овие средства имаат голема социјална улога за домаќинствата со што индиректно влијаат и врз намалувањето на сиромаштијата.
-Дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита за примателите. Тоа го покажува фактот дека семејствата кои примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27 проценти – изјави Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики.
Препораката на истражувачкиот тим е да се изнајдат стратегии со кои овие средства би можеле соодветно да се искористат.
-Главната препорака до носителите на политиките е дознаките да бидат врамени во една политика каде ќе може да бидат соодветно искористени и каде што ќе ја намалат на формален начин ранливоста на примателите на дознаки – рече Петрески.
Најчесто во Македонија средствата од иселениците доаѓаат од високоразвиените земји од Европската унија и од прекуокеанските држави како што се Америка и Австралија. Во споредба со регионот, Македонија бележи средно ниво на примање дознаки. Највисок износ на дознаки има во Косово, додека во Србија дознаките учествуваат околу 8,5 од БДП.
-Резултатите на нашето истражување покажуваат дека во Србија семејствата кои ги примаат овие пари главно ги користат за најосновните потреби како храна, плаќање на сметки и слични работи- истакна Марко Владисављевиќ од Фондацијата за развој на економските науки од Белград.
Висок процент на примање дознаки, односно околу 30 проценти од БДП има и во Казахстан каде исто така се уште нема изградено стратегија за соодветно искористување на овие средства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст