Народната банка останува на проекцијата за пораст на БДП од 2,2 проценти за годинава и негово забрзување на три проценти за наредната. Во квартална ревизија на макроекономските проекции, која е објавена денеска, НБРМ прогнозира намалена инфлација од 3,2 на 2,8 проценти, повисок дефицит на тековната сметка и умерено забрзување на кредитниот пораст.
– НБРМ очекува умерен пораст на економската активност во оваа година и малку подобар во наредната година, движен од повисоката инвестициска активност и очекуваното закрепнување на извозот, а во следната година дополнително засилен и од повисокиот позитивен ефект од личната потрошувачка – рече денеска на прес-конференција гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Главни двигатели на порастот, според НБРМ, годинава ќе бидат извозот и инвестициите, а в година, покрај тие два фактора, се очекува личната потрошувачка да оствари дополнителен придонес во порастот. Овој пораст се очекува да биде поддржан преку одредено забрзување на стапката на кредитен пораст.
Според НБРМ, во 2013 година дефицитот на тековната сметка е проектиран на ниво од околу четири проценти од БДП, додека во 2014 година, поради повисокиот увоз поврзан со новите инвестициски текови, се очекува негово продлабочување на шест проценти од БДП. Очекуваните приливи на капитал, главно врз основа на странски директни инвестиции и задолжување на државата, укажа гувернерот, ќе бидат доволни за финансирање на повисокиот дефицит и за акумулирање дополнителни девизни резерви. Во вакви услови, се проценува дека девизните резерви во целиот период на проекција ќе се задржат на адекватното ниво.
Гувернерот појасни дека податоците за движењето на домашните цени во првите три месеци од годината упатуваат на побрзо забавување на стапката на инфлација споредено со очекувањата во јануарската проекција.
Пониските почетни услови, дополнети со надолната ревизија кај увозните цени, условиле пониска стапка на инфлација во 2013 година од 2,8 проценти, а во 2014 година се очекува да изнесува 2,3 проценти на годишна основа.
НБРМ очекува умерено забрзување на кредитниот раст слично на јануарската проекција, при натамошен раст на депозитите и расположливи странски извори на финансирање. Сепак, неизвесниот глобален амбиент, согледувањата на банките за ризиците и деловните стратегии на европските банкарски групации кои се присутни и на домашниот пазар, смета НБРМ, може да се одразат врз кредитната политика на домашниот банкарски сектор преку зголемена претпазливост.
Банкарскиот систем и натаму бележи висока стапка на адекватност на капиталот, 17,1 процент на крајот на 2012 година, висока ликвидност и умерен пораст на нефункционалните пласмани на нефинансиските субјекти во износ од 11,9 проценти на крајот на февруари годинава.
Според Богов, ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму се главно од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи.
Покрај анализа на кварталниот извештај со најновите макроекономски проекции Советот на НБРМ денеска, меѓу другото, донесе одлука да ги промени условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезидент. Меѓу другото, им се овозможува на продавниците и локалите лоцирани во меѓуграничниот простор на аеродромите, односно помеѓу царинските канцеларии на влез и излез во Република Македонија, а кои немаат статус на слободни царински продавници, да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



