Пред два дена, скопјанката С.В. (30) тргнала на пат од Кратово за Скопје, но она што претстоело таа ниту најмалку не го очекувала. Само за момент, сите тековни планови паднале во вода, а нејзиниот живот бил во голема опасност, пренесува порталот Точка.
– Сабајлето тргнав накај Скопје, возев по автопат и на Страцин најпрво ми излезе куче сред пат, но го избегнав за да не го удрам, но само што се спуштив по надолницата го оставив автомобилот во лер и како што продолжив да се лизгам, автомобилот почна одеднаш да се врти, за на крајот да удрам во банкината, а потоа како што удрив, автомобилот беше буквално дигнат од земјиното тло и беше отфрлен во провалијата, ја започнува својата приказна С.В. за Точка.
– Како што паѓав, се превртував сигурно некаде десетина пати, додека постојано се молев автомобилот да застане, зошто во себе си си реков, готово е, јас тука ќе умрам, тука ми е крајот, но како што застана после толку превртувања, автомобилот остана превртен на покривот. Веднаш го извадив ременот и паднав, а веднаш потоа и сфатив дека не можам да излезам бидејќи вратите беа заглавени. Автомобилот набрзо започна да чади, па токму затоа собрав сила и го скршив прозорецот до мене со нога, излегов од автомобилот, си го земав само мобилниот којшто го најдов паднат надвор и веднаш започнав да се качувам кон автопатот. Првиот автомобил којшто се појави го сопрев, човекот беше од Пробиштип и тој веднаш ги зема моите лични предмети од превртениот автомобил, повика полиција и итна медицинска помош, а кога дојде полицијата едноставно не можеше да поверува дека сум излегла жива и здрава од ваква сообраќајна незгода, вели С.В.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.