| четврток, 6 декември 2018 |

Електронски ќе се продава и издава државен деловен простор

Граѓаните во иднина ќе можат да купат или земат под закуп деловен простор во сопственост на државата седејќи од дома. Потребен им е само интернет, за ги добијат сите податоци за деловниот простор, да аплицираат за него, да наддаваат за негово купување или закуп и на крајот да добие записник за извршената продажба. Ова ќе им го овозможи новиот систем за електронска продажба и давање под закуп на деловен простор во сопственост на државата, што го воведува министерството за транспорт и врски.

kancelarija

Новото софтверско решение изготвено за таа намена го презентира денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а треба да овозможи целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловниот простор да се врши по електронски пат.

Преку овој систем, рече Јанакиески,  до добиено одобрување од Владата, ќе се продава и дава под закуп деловен простор во сопственост на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, на трговски друштва основани од државата.

– На овој начин ќе се засили транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот процес на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција за времетраењето на наддавањето – вели Јанакиески.

mile janakievski

Електронското јавно наддавање ќе трае најмалку 15 минути и ќе се продолжува за две минути секогаш кога во последните две минути од наддавањето ќе има нова понуда. За да можат да наддаваат заинтересираните треба да бидат најавени на системот во тек на јавното наддавање. Секој учесник во наддавањето ќе ги гледа сите понуди, но со кодирани имиња на другите наддавачи. Процесот ќе заврши кога во последните две минути од наддавањето ќе нема нова понуда.

Системот ќе обезбеди и електронска архива на продадени деловни простории и Централизирана база на податоци во врска со продажбата и издавањето на деловен простор.

Со ова, конечно државата ќе има податоци за имотот што го поседува, што е продаден или даден под закуп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top