| четврток, 6 декември 2018 |

Светски ден за подигање на свесноста за растот на децата: Висината е показател на здравјето

Решение има ако навреме се постави дијагнозата. Одлични резултати се постигнуваат ако се почне со терапија уште во рана фаза, односно во рана возраст на детето. Не смее да има пауза во терапијата како и да нема промени во хормонот за раст што го прима пациентот. Сантиметрите не се броеви, туку зборуваат за здравјето на детето - вели професорката Константинова

Висината на телото е показател на целокупното здравје. Затоа е многу важно да се следи растот и развојот на децата. Децата имаат кратко време да растат, а цел живот живеат со резултатите. Најмалку двапати годишно треба да се мерат децата и нивната висина да се спореди со кривата на растот. Ова го советува професор д-р Марина Крстевска-Константинова, педијатар ендокинолог од Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Дваесетти септември е Светски ден за подигнување на свесноста за растот кај децата. Под мотото „Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – Раст на РМ денеска се придружи на глобалната инцијатива за одбележување на 20 Септември.

Професорката Константинова објасни дека постојат разни знаци кои може да се препознаат дали некое дете заостанува во растот.

– Ако детето е пониско од своите врсници, ако носи иста облека повеќе од една година, ако е пониско и од децата што се помали од него. Сево ова треба да ги алармира родителите или старателите да посетат лекар – вели професорката.

Нарушувањето на растот успешно се лекува ако рано се детектира.

– Решение има ако навреме се постави дијагнозата. Одлични резултати се постигнуваат ако се почне со терапија уште во рана фаза, односно во рана возраст на детето. Не смее да има пауза во терапијата како и да нема промени во хормонот за раст што го прима пациентот. Сантиметрите не се броеви туку зборуваат за здравјето на детето – вели професорката Константинова.

rast-kaj-decata

Во Македонија во моментов има 100 до 110 деца со нарушувања на растот кои се лекуваат со хормон за раст, терапија која е целосно покриена од државата.

Од Здруежнието велат дека навременото препознавање на нарушувањата на растот е сериозен проблем, а децата многу касно добиваат можност да бидат дијагностицирани и соодветно да бидат лекувани.

– Во основа, додаваат, проблемот се состои во фактот што децата многу касно се препраќаат кај соодветен лекар – специјалист педијатар ендокринолог за подетална анализа и точна дијагноза. Загриженоста за висината обично доаѓа кога децата се во понапредна возраст, најчесто во повисоките одделенија во основното образование. Тоа е глобален проблем – вели претседателот на здружението Александар Петровски.

Тој рече дека немаат официјален регистар на децата кои имаат проблеми со раст. Тие како здружение имаат информации само за оние кои се членови на Здружението, но не и за оние кои не се.

Петровски го прозва Ридван Ибраими, економскиот директор на Клиниката за детски болести, дека дискриминаторски се однесувал кон пациентите и дека ги попречувал работите кога станува збор за набавка на неопходни лекови.

– Сѐ е направено навреме од моја страна. Тоа што законот го дозволува во однос на пациентите е покриено – изјави Ибраими.

Терапијата која ја примаат овие деца е секојдневна и тие примаат инјекции секоја вечер.

Сашо Стефаноски, директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), соопшти дека од 2011 година ФЗОМ ја покрива терапијата за овие деца.

– Вкупно д 51.068.400 денари од буџетот на Фондот се одделуваат за терапијата. Нашата соработка со „Раст“ резултираше и со подобрување на начинот на кој децата ја земаат потребната терапија. Тоа значи дека сега родителите на 100 дечиња кои имаат потреба од хормонот за раст доаѓаат во здравствените установи еднаш на три месеци и ја подигнуваат терапијата. Заштедивме време и пари на родителите кои сега доаѓаат на Детската клиника само пет пати годишно, наместо како порано 24 пати во годината – изјави д-р Стефаноски.

Додаде дека ФЗОМ ќе продолжи и во иднина да има слух за решавање на реалните потреби на осигурениците, онаму каде тој е надлежен.

– Почнавме уште пред неколку години и супер одиме во делот особено на оние кои досега го примале хормонот за раст и веќе достигнале висина која е поврзана со насмевка, задоволство и квалитетен живот – рече директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата на Плоштадот Македонија денеска се организира бесплатно мерење на висината и тежината на сите дечиња кои сакаат да проверат дали нивната висина е соодветна за возраста. Мерењето го вршат медицински екипи од Детската болница Козле. Пејачот Виктор Апостоловски на секое дете кое ќе ја провери својата висина и тежина ќе му подари свое ЦД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top