Случајот со обид за киднапирање дете среде бел во Ново Лисиче денеска повторно ја вознемири македонската јавност. Се работи за немил настан што се случил денеска додека мајка го носела своето дете на доктор.
– Жена со црна коса и со црни очила ѝ се приближила и ја прашала каде се новите згради, и додека девојката ѝ објаснувала, жената ја фатила за рака и во ист момент маж се обидел да ѝ го грабне детенцето од количка, кое, за среќа, било врзано. Девојката почнала да вреска и жената и мажот побегнале. Во близина немало ни луѓе, ни автомобили… – стои во статусот што на „Фејсбук“ го објави пријателка на мајката.
На социјалните мрежи веќе се рашири паника и овој настан беше поврзан со претходните слични случаи. Неодамна во населбата 11 Октомври во Кисела Вода, автомобил „опел“ им се приближил на десетгодишни деца што си играле, а маж и жена и им нуделе играчки со цел да ги привлечат во автомобилот. Слична случка во која повторно се споменува „опел“ се случила пред некој ден во Драчево.
Но, до овој момент, ни еден од овие три случаи не е пријавен во некоја од скопските полициски станици. Од полицијата не побарал помош ни еден од родителите.
– Повторно нема пријава за ваков настан. Нема пријава ни за Аеродром, ни за Драчево, ни претходно за Кисела Вода. На социјалните мрежи се создава паника, но никој до сега не пријавил официјално – велат од СВР Скопје за „Република“.
Доколку се алармира полицијата, сомнителните лица побрзо ќе бидат донесени пред лицето на правдата. Неодамна слична паника по социјалните мрежи се крена околу манијакот што напаѓал девојчиња низ Аеродром и други скопски населби, но граѓаните и тогаш не пријавуваа в полиција, туку само апелираа да се внимава на социјалните мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.