| четврток, 6 декември 2018 |

Презентиран меѓународниот проект „Сподели возило“

Развивање на јавната свест за заедничко патување низ градот заради намалување на загадувањето на средината и намалување на трошоците е целта на денешната презентација на меѓународниот проект „Сподели возило“ (SocialCar),, во кој учествува и градот Скопје.

Според градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски проектот „Сподели возило“ ќе ја искористи предноста на социјалните медиуми за комуникација, споделување информации и размена на корисни податоци за превозот со помош на иновативни алгоритми со цел да им овозможи најдобри известувања на патниците во реално време.

–  Проектот „Сподели возило” е начин за транспорт од една до друга локација преку споделување на нашето возило со нашиот сосед, нашиот колега, луѓето од истата населба, односно организирано заедничко патување во иста насока и време. Со овој проект сите може да дадеме придонес за заштита на животната средина, намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж во нашиот град, истакна Трајановски.

Тој појасни дека проектот е промоција на интелигентен транспортен систем, врз основа на иновативен пристап во управувањето со побарувачката за превоз, а особено во однос на услугата сподели возило во урбаните и периурбаните средини.

Василен Изјотов, координатор на проектот, на денешната презентација ги објасни можностите за имплементација на проектот за споделување возило, како и примерите на ваквите сервисни модели од другите тест-градови.

„Сподели возило“ има почетна цел да го истражи јавното мислење за превоз со заедничко возило. Прашањата што ќе им бидат поставени на граѓаните се: дали го споделувате своето возило со пријателите или со колегите, дали би учествувале во организирана мрежа за споделување возило и што би ве мотивирало да делите возило со други патници? Потоа, треба да се подготви софтвер-апликација за граѓаните лесно, едноставно и во реално време да добиваат информација за оној што споделува возило и за натамошното вклопување во системот на јавниот превоз.

Со „Споредли возило“ ќе се утврди текот на обработката на податоци и ќе се осмисли софтвер кој ќе ги интегрира барањата за патување со понудата на јавно-приватниот превоз. Со сите интегрирани софтверски модули, проектот ќе биде тестиран во 10 европски градови.

Презентацијата на проектот „Сподели возило“ е дел од активностите на Град Скопје на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2016 што се одвива под мотото „Сподели превоз, заштеди пари, зачувај ја средината“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top