| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел: ЕУ се наоѓа во „критична состојба“

kol208-2-merkel

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска на Самитот на ЕУ во Братислава изјави дека Унијата се наоѓа во „критична состојба“. ­

– Потребни ни се решенија за ЕУ, а ние сме во една критична состојба. Не може сите проблеми да се разрешат со само еден Самит, па она што сега треба да го направиме е подобро да ги уредиме работите во безбедноста, во борбата против тероризмот и во секторот на одбраната, изјави Меркел.

На Самитот на ЕУ во главниот град на Словачка се расправа за потребата од враќање на довербата на гласачите во Унијата, по одлуката на Британците да го напуштат блокот.

Ова е прв Самит без учеството на Велика Британија по одлуката за Брегзит, но лидерите на земјите членки, нема да расправаат за преговорите што ќе се водат со Лондон.

Според германскиот канцелар, лидерите на Унијата треба да покажат дека можат да ја унапредат заедничката безбедност, одбранбената соработка и економијата. Овој Самит се одржува во време кога Вишеградската четворка (Полска, Унгарија, Словачка и Чешка) заговараат враќање на некои од овластувњата што му се префрлени на Брисел.

Северноевропските земји ги осудуваат членките од југот на ЕУ дека се „најслабата алка“ во одбраната на еврозоната, додека мадитеранските држави приговараат на продолжувањето на германското инсистирање за остри мерки на штедење во буџетското трошење.

Главната тема на Самитот, сепак, се мигрантите и бегалците, околу што и разликите се најголеми. Популистичките влади во Средна Европа се спротивставуваат на предложената квота за прераспределба на бегалците, објаснувајќи го тоа со позиции кои на Западот често се означуваат како националистички.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн пред неколку дена побара од ЕУ да ја суспендира Унгарија од членство во Унијата, затоа што, според него, Будимпешта ги крши фундаменталните вредности на кои се темели Унијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top