| четврток, 6 декември 2018 |

Споделете возило, заштедете пари, чувајте ја природата

Дали го споделувате своето возило со пријателите или колегите, дали би учествувале во организирана мрежа за споделување возило и што би ве мотивирало да делите возило со други патници – се само дел од прашањата што ќе бидат во фокусот на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2016

В понеделник во салата на Советот на Град Скопје во 9 часот ќе биде претставен меѓународниот проект „Сподели возило“, во кој учествува Град Скопје, а чија цел е да се развие јавната свест за заедничко патување низ градот заради намалување на загадувањето на средината и намалување на трошоците.

Проектот „Сподели возило“ (SocialCar) е истражувачки и иновациски проект, кој има цел да го вклучи системот за споделување возила во постојните системи за јавен превоз со помош на софтвери за планирање и интеграција на базите на податоци од јавниот превоз, заедничките патувања и активирањето на граѓаните преку друштвените мрежи.

Проектот на едно место ги обединува компјутерските инженери, експертите од општествените и економските науки, сообраќајните инженери, луѓето кои заеднички патуваат и властите од Италија, Грција, Велика Британија, Луксембург, Полска, Швајцарија, Македонија, Хрватска, Словенија, Холандија, Унгарија, Шпанија и Белгија. Нивната цел е да се осмисли, развие, тестира и да се примени сервис, кој на граѓаните од урбаните и приградските средини ќе им го поедностави патувањето.

Со овој проектот ќе се утврди текот на обработката на податоци и ќе се осмисли софтвер кој ќе ги интегрира барањата за патување со понудата на јавно-приватниот превоз. Со сите интегрирани софтверски модули, „Сподели возило“ ќе биде тестиран во 10 европски градови.

Тековните алатки за планирање на патувањaта генерално обезбедуваат информации за повеќе начини на транспорт (автомобил, јавен превоз, велосипед, пешачење), но не и за мултимодални патувања каде што се зема предвид поврзувањето на повеќе видови превоз. Со цел подобрување на опциите за навремено планирање на патувањето и нивно презентирање на патниците, „Сподели возило“ ќе развие систем кој ќе овозможи пристап до повеќе комбинирани опции на јавниот превоз вклучувајќи ги и автомобилите, споделување возило, велосипед, споделување велосипед, пешачење, такси и други услуги.

Целта на „Сподели возило“ е да ја промени досегашната практика за користење на автомобилот во кој се вози само возачот, да го намали времето на патување и да ја подобри животната средина, како и да придонесе кон целите на ЕУ 2020 за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со намалување на сообраќајниот метеж; надминување на тековните практики заедничките патувања да се одвиваат претежно за патувања надвор од урбаните средини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top