Очајнички потег и голема грешка на опозицијата, вака политичкиот аналитичар Александар Пандов ја оценува изјавата на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев за воведување албанскиот јазик за официјален на целата територија на државата.
– Мислам дека во овие 25 години плурализам и повеќепартиско живеење, не можам да се сетам на поочајнички потег на некој политичар. Со овој потег Зоран Заев покажува дека тој нема веќе надежи кај македонскиот гласачки електорат, туку се свртува да бара гласови од Албанците. Имавме прилика да го видиме како вели дека тој и неговата партија ќе победат. Тоа го прави во предизборен период кога очекуваме да чуеме какви програми и политики ќе донесат ако евентуално победат, но и со каков тим ќе настапат на престојните избори. Тој настапува на националистички начин и тоа го прави од албански позиции, рече Пандов при гостување во ТВ Нова.
Пандов потсетува дека и други лица блиски до опозицјата говореа околу поголеми права на албанското малцинство во Македонија. Аналитичарот потсети дека новинарот Героски пред неполна година пишуваше дека е време да се отвори дебата за федерализација на Македонија, а исто така и поранешниот кандидат за претседател од опозицијата Љубомир Фрчковски говореше дека треба Албанец да биде премиер на државата.
– Заев говореше и дека треба да ја свиткаме кичмата и да го смениме името на Македонија, а сега бара двојазичност на цела територија и на никого не му е јасно што сака да постигне, мислам дека е во голема грешка, и вака не само што нема да добие гласови кај Албанците, туку ќе ги изгуби и кај оние кои планирале да гласаат за СДСМ, вели Пандов.
Тој лидерот на опозицијата го спореди со коцкар што изгубил многу пари и она малку време што му останало се обидува да ги поврати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.