Попе Компани ДОО Скопје е трговско друштво кое нуди комплетно графичко решение и рекламни материјали за сите пригоди и потреби со сопствено производство и услуги. Сопствениците на компанијата која сеге веќе брои 20 вработени се браќата Никола и Душан Попевски, кои се одличен пример за млади амбициозни луѓе чиј бизнис кој почнал практично од нула, но со нивниот ентузујам,енергија и харизма успеале во намерата да оформат графичко и рекламно мало царство кое во целост ги задоволува потребите на секој клиент.
– Со оваа дејност започнавме во 1997 година, за да во 2002 ги поставиме цврстите темели на денешната компанија Попе Компани. На идеја за започнување ваков бизнис дојдовме кога пред 1997 година, во времето кога сите купуваа компјутери за своите деца, татко ми на мене и брат ми ни купи и принтер. И нам што ни остана, да го користиме нели, па со него почнавме да печатиме на хартија. Кај нас доаѓаа другари кои ни порачуваа да им испечатиме нешто, најчесто визит карти, за да сето тоа се залауфа и дојде до точка кога почнаа да ни бараат да им испечатиме пенкала или запалки. Ние велевме, ама ние имаме принтер за на хартија, не за пенкала. Еден викенд, мојот брат Душан отиде на тогашниот авто пазар и виде еден штанд со визит карти, кои ги даваа без пари, без ништо. На нив пишуваше дека печатат пенкала. И брат ми ми рече, еј еве овие печатат пенкала, ај да одиме да видиме како тоа го прават.Ние имавме принтер за хартија, а тие веројтано имаат принтер за пенкала. Така се запознавме и започнавме заедно да работиме. Тие печатеа пенкала, ние ги продававме и така практично почнавме да работиме- вели управителот и еден од сопствениците на Попе Компани, Никола Попевски.
На почеток кога почнале со работење приоритет им било печатење, но како растеле и се зголемувале како компанија ја ширеле дејноста, за да сега приоритет им е трговијата.
-Вистина е дека не можеме да испечатиме толку материјали, колку што можеме да продадеме.Значи можноста за печатаење е таа, а трговијта и продажбата нема горна граница. Може да се продадат шлепери и шлепери. Токму затоа се преориентиравме кон трговијата. Инаку 99 отсто од производството го пласираме на домашниот пазар.Увозници сме и застапници за неколку светккси брендови кои на полесен начин ни овозможуваат да се пробиеме на пазарот. На времето ги нудевме истите овие типови на производи на нашите клинети, но со тек на време сето тоа доби брендирана форма.Значи ако некогаш сме нуделе обични пазарски пенкала, маици и капчиња, сега сме застапници за Ритер пен Германија, Фрут оф д Лум, Атлантис, Гамакс и тн. Така што сите тие работи придонесоа повеќе и повеќе да пораснеме и напредуваме – објаснува Никола.
На прашањето како дошле во можност да ги привлечат светските брендови на нашиот пазар, Никола го има едноставниот одоговор, интернетот и саемите се наједноставен и најпрактичен начин да се рашири комуникацијата, да се запознаат луѓе, да се соработува со нив.
– Прво странските партнери се интересираа за нас врз основа на нашите генералии, кои сме, што сме, што работиме, за да почетните преговори ги водиме лично, односно со директна средба со нив. 2008 година започнавме со земање странски застапништва и тоа речиси сите се случија во исто време и Ритер пен и Фрут оф д Лум. Во исто време бевме многу активни во посета на саемите, кои нудат запознавање со најновите достигнувања, има лични средби со застапниците на разни брендови, се разговара, договара соработка и се она што е потребно за да се шири било кој бизнис.Членка сме на Пи Eс Aј (PSI) асоцијацијата на трговци и производители на промотивни материјали која ги шири знаењата и контактите меѓу луѓето од овој бизнис и која многу ни помогна денес да бидеме ова што сме – додава Никола.
Според него фактот дека за 19 години работење денска имаат 20 вработени, можеби на прв поглед не изгледа деке е нешто многу, меѓутоа се што создале е со сопствениот труд и тоа што сега нивната компанија обезбедува егзистенција на 20 семејства за нив значи многу. Попе Комапни во графичкиот сектор имаат вработено само едно лице, додека сите останати се од промотивниот сектор.
Генералниот директор на Попе Компани, сегашните услови за работење ги оценува како тешки, но можеби тоа им дава предност да стигнат до нивото до кое се стигнати.
-Почнавме со капитал од 400 марки, за да сега стигнеме до капитал од над 2 милиони евра и тоа ни дава стимул со исто темпо да продолжиме и понатаму, да создаваме и да се развиваме.Важиме за фер, услужливи, чесни, скромни и не сме лакоми да заработиме милиони одеднаш. Почнавме во простор од 6 метри квадратни, да продолжиме во гаража, па во стан, па во изнајмени деловни простории и сега еве да стигнеме до сопствен објект кој го купивме мината година, а веќе по реновирањето од пред неколку дена да функционираме од тука во одлични услови- вели Никола.
Попе Компани досега нема искористено некои од државните субвенции за вработување на лица, но тоа не го исклучуваат како можност за понатаму.
-Кога почнавме со проширување на тимот за работа, почнавме од најблискиот круг на пријатели и роднини, за да понатаму, доколку имаме потреба, да го прошириме кругот на кандидати за работа. Можеби досега од премногу обврски не сме имале време да се заинтерсираме за поволностите за вработување, бидејќи нели се работи за процеруди кои мора да се испочитуваат, но останува времето да ни покаже што понатаму-додава Никола.
Во моментов Попе Комани има над 3.000 клинети, од кои околу 1.000 се редовни клиенти секоја година.Од тие голем дел се маркетинг агенции кои ги опслужуваат нивите клинети. – Значи најголем дел од работата не го правиме со крајни клиенти, туку со посредници- дообјаснува Попевски.
Запрашавме и кои се плановите за иднина на Попе Компани?
-Во блиска иднина како сопственик и управител ме интресираат бројките.Гледам да го задржам нивото на раст, како во претходните години. Не е нешто многу, но секогаш постоел. Задржувањето на раст е предоволно за нас. Во подалечна индина би сакале да инвестираме во уште еден помал објект кој би бил дополнување на нашиот магацински простор, кој го имаме во моментов, но е презаситен.
Која е формулата за успех, го прашавме управителот на Попе Компани.
-Не постои таква формула. Нашата држава е многу специфична. Не оди се според правила.Успех може да има секој кој ќе го изнајде начин на наплата кој не треба да биде ни навредлив, ни изнудувачки, бидејќи во земјава наплатата е најболна и најцрна точка во економијата.Кога ќе научите да се справите со таа црна точка сте истрасирале пат за успех.Не значи дека другите елементи не се значајни, но според мене наплатата е најважен елемент за раст. Друг значаен елемент е исполнивоста. Значи ако некому кажете дека ќе му ја испорачате робата за седум дена, тоа мора да биде за седум дена, бидејќи сите се врзани со некои рокови, а клиентите знаат да го ценат тоа. Ние не сме најефтината, но сме секогаш најдобрата понуда на пазарот во делот кој во работиме- вели Никола.
Негова препорака е во услови на криза да не се намалува работењето, на пример нарачката на промотивни материјали, бидејќи тоа уште повеќе ќе ги повлече надолу фирмите.
-Нашите најголеми успеси беа во време на економската криза. Нашето мото е дека токму во такви периоди треба да се вложува и работи за да се излезе од криза. Тогаш им советувавме на клиентите дека и во криза треба да инвестиратат и работат, што и ние го правевме за да сега стигнеме до она што го имаме и да бидеме водечка фирма од нашиот сектор – заклучува Никола Попевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.