| четврток, 6 декември 2018 |

Амнести интернешнел бара „претседателско помилување“ за Едвард Сноуден

edvard snouden

­ Две американски организации за човекови права,­ Амнести интернешнел (АИ) и Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ), соопштија дека почнуваат кампања за „помилување“ на Едвард Сноуден, поранешен вработен во Националната агенција за безбедност (НСА), кој побегна од САД и сега живее во Русија. Намерата на овие две организации е да се убеди претседателот Барак Обама да го помилува Сноуден, пред да ја напушти Белата куќа, во јануари 2017 година.

Кампањата се совпаѓа со почетокот на прикажувањето на играниот филм за овој поранешен соработник на НСА. Сноуден украде илјадници доверливи и тајни документи и потоа ги предаде за објавување. Од нив се откри дека НСА „спроведува масовно следење на телефонската и на интернетската комуникација“, покривајќи го тоа со борбата против тероризмот.

Веднаш потоа, Сноуден побегна за Хонг Конг, а по кратко криење меѓу локалните бегалци, замина за Москва. Од тогаш, во Русија живее како бегалец, но никој не знае каде, ниту од што живее. АИ од почетокот ја одобрува постапката на Сноуден да ја открие „тајната и илегална“ постапка на американската администрација.

Според Амнести интернешнел „никој не треба да се казнува за откривање насилство врз човековите права“. Американските медиуми, меѓутоа, веруваат дека кампањата ќе му помогне на филмот, но нема да го натера Обама да го помилува Сноуден, кој е обвинет за крадење и откривање на тајни информации.

Еден од советниците на претседателот Обама претходно изјави дека Сноуден треба да се предаде за да му биде судено пред порота, наместо што се крие под закрилата на еден авторитарен режим. Мнозинството Американци и натаму мислат дека Едвард Сноуден е обичен предавник и шпион, кому треба да му се суди во САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top