Поплава, испукани ѕидови и распарчена биста на Крсте Петков Мисирков ги затекле вработените во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
– Вчера цела вечер од сите цевки истекуваше вода. Од радијаторите од сите четири ката, водата истече овде, во амфитеатарот. Јас, хигеничар и чуварот од три и пол попладне до еден часот по полноќ чистевме и со кофи ја исфрлавме водата надвор. Се јавивме во Топлификација за да ги сопрат радијаторите, а викнавме и служби за помош за да ја исчистиме водата. Делче по делче ги собиравме остатоците од бистата на Мисирков, но не знаеме дали сме спасиле нешто. Полицијата веќе направи увид на местото – вели Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за „Нова Македонија“.
Вработените велат дека амфитеатарот е најмногу оштетен затоа што тој дел е подиздаден и се потпира само на столбови, но не и на ѕид.
– Веќе се јавивме до службите и до Министерството за образование и наука за да ни помогнат за санирање затоа што амфитеатарот ни е потребен, таму се одржува и наставата. Среќа во несреќа е што картотеката е во сосема добра состојба – додава Јованова-Грујовска.
Зградата на Институтот за македонски јазик е изградена во 70-тите година, со средства на иселениците од Македонија, а во знак на солидарност на катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.
Покрај Институтот за македонски јазик, на подрачјето на СВР Скопје има пријавено повеќе штети, настанати како последица од земјотрес, на повеќе патнички моторни возила, паднати плафони, искршени прозорски стакла на ОУ „Димитар Беровски“ во населбата Ѓорче Петров и на повеќе приватни објекти во село Батинци, Драчево, Гази Баба, Бит-пазар, Центар, како и паднат оџак од зграда во населбата Железара.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.