| четврток, 6 декември 2018 |

Започна реконструкцијата на патот Средно Водно – село Нерези

Започна раконструкцијата на патот од Средно Водно до село Нерези во должина од 4,5 километри, за што ќе бидат инвестирани 14 милиони денари, информира Министерството за транспорт и врски.

Почетокот на градежните работи денеска го означија министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорите на јавните претпријатија за патишта Александар Стојанов и Гајур Кадриу.

Според надлежните, ќе се изврши целосна реконструкција на овој патен правец.

– Започнавме со уште еден проект по барање на жителите од Скопје. Се работи за реконструкција на регионалниот пат од Средно Водно кој води до Нерези во должина од 4,5 километри. Со реконструкцијата ќе се постави целосно нов асфалт или планираме да вградиме околу 100 тони асфалт. Вредноста на инвестицијата е 14 милиони денари. Очекуваме патот да биде завршен во рок од триесетина дена, изјави министерот Мисајловски.

Тој додаде дека дополнително е зголемена програмата на „Македонија пат“ за нови 150 милиони денари за реконструкција на патните правци: Калишта – Струга, Градско – Росоман и Росоман – Дреново.

Според градоначалникот Трајановски, со проектот жителите на Скопје ќе добијат реконструиран пат, кој ќе ја зголеми безбедноста за сообраќај во овој дел од градот.

– Ние уште во 2009 годдина го реконструиравме овој пат, поставивме нова опрема. Сега со реконструкцијата дополнително ќе поставиме урбана опрема, изјави Трајановси.

Водно пат 2

Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов изјави дека до крај на годината ќе заврши изградбата и реконструкцијата на сите патни правци во Скопје и Скопско и тоа кон Сончев град, од Сопиште до Говрлево како и на патниот правец што денеска отпочнува со реконструкција.

Директорот на „Македонија пат“ Гајур Кадриу изјави дека сите патни правци што се започнати со програмата за работа на ова јавно претпријаие за еден до два месеца ќе бидат завршени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top