| четврток, 6 декември 2018 |

Првиот чекор во правењето посилна Македонија е вербата во посилна Македонија

Млад човек, кој во 1991 година станал полнолетен, годинава веќе навршува 43 години. Сосема доволно за да се направи споредба каква беше Македонија пред 25 години, каква е сега. Македонија пред 25 години беше економски слаба држава со разнишани столбови. Веројатно свој придонес во тоа имаа и наследниците на поранешниот Сојуз на комунисти, актуелните социјалдемократи, кои имаа сомнеж во капацитетот на македонскиот народ да организира самостојна и суверена држава во која ќе биде свој на своето. Се потсмеваа и ги потценуваа идеалите за сопствена химна, сопствена валута, сопствена војска и полиција. Се бореа за да се зачува СФРЈ или барем од федерација да се премине во конфедерација. Еден нивни министер, кој денес преку медиумите редовно во својство на „угледен“ професор и стручњак објаснува како треба да работиме, дури и ја напушти владата со образложение дека не верува во одржливост на самостојна и независна Република Македонија.

Овој млад човек бил сведок како поранешните комунисти беа затечени од резултатите на референдумот.

Овој млад човек уште тогаш бил сведок дека независна Македонија ја зацементирала својата прозападна ориентација. Го одбрала патот кон ЕУ и НАТО, кој сè уште е наш стратегиски приоритет.

За жал, овој млад човек во 90-тите години бил сведок на криминалната приватизација, кога неговиот татко, чичко или близок роднина бил исфрлен на улица, без работа во процесот на разграбување на општествениот капитал од олигарсите на власта, откако претходно беа креирани такви закони за да можат тоа да го направат.

А потоа со пирамидалните штедилници и ограбена нивната заштеда.

Овој млад човек бил сведок на промената на првото национално знаме и на согласноста за воведување на референцата ПЈР Македонија со образложение дека станува збор за времено решение кое би траело само два месеци и потоа ќе се врати уставното име. Овој млад човек 20 години подоцна може само да заклучи дека бил изманипулиран и излажан. Овој млад човек веројатно ги памети драматичните моменти од обидот за атентат врз претседателот Глигоров, како и невештите обиди на тогашното МВР да ја оправда неспособноста или немањето волја да го расчисти.

Пред да наполни 30 години, младиот човек беше сведок на вооружениот конфликт кој потоа резултираше со охридскиот Рамковен договор, а само неколку години подоцна и на територијалната поделба која етнички ги прекрои внатрешните граници во Република Македонија.

Во тие години Македонија тонеше економски, пропаѓаше здравството, образованието, земјоделието, културата, државата беше рангирана на дното на листите во однос на перцепција на корупцијата, а единствени проекти беа нереализираните ветувања за по еден вработен од секое семејство или нереализираната пруга кон Бугарија. Штрајковите на земјоделците, текстилните или просветните работници беа секојдневие.

Овој млад човек, наполнил 33 години кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и за првпат го промовираше принципот на отчетност и одговорност во политичкото дејствување. Овој млад човек за првпат во својот живот можеше да посведочи дека политичката партија којашто дошла на власт ја побарала неговата доверба со конкретна програма составена од проекти кои и самиот тој може да следи како се реализираат.

Македонија денес, кога овој човек има 43 години и кога веројатно веќе свое семејство, има стотици нови фабрики, благодарение на напорите за привлекување странски инвеститори во кои ќе може да се вработат неговите деца. Македонија денес има обновена железничка и патна инфраструктура. Овој човек сега слетува на нов и модерен аеродром, се вози во нови модерни возови и автобуси, а со своите деца оди со жичарницата на Водно. Тој и неговите пријатели кога сакаат да гледаат спортски натпревар на македонската репрезентација го следат во новите „Арена Филип Втори“ или салите „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“. Неговите деца одат во новите градинки или основни училишта користејќи бесплатни книги. Неговата мајка користи бесплатни лекарства и со значително поевтина партиципација, а доколку тој сака да го дооформи своето образование, истото може да го стори на многубројните новоотворени универзитети.

Република Македонија денес е далеку од Република Македонија пред 10 години или Република Македонија пред 25 години. Убеден сум дека секогаш може и подобро и повеќе. Затоа ваквите јубилеи треба да не’ потсетат дека обединети сме посилни и обединети сме помоќни. Да ја вложиме нашата енергија продуктивно на градење цврсти врски помеѓу сите граѓани, на промоцијата на вредностите. Да се поврземе во целите, во вербата за подобра иднина, за дела кои ќе говорат за нас самите и ќе сведочат засекогаш, за една нација која знаела кога треба да се застане силно во одбраната на нештата кои ја карактеризираат и ја прават да биде таква. Првиот чекор во правењето на посилна Македонија е вербата во посилна Македонија, а вербата во посилна Македонија започнува со вербата во посилна индивидуа, во верувањето во самиот себеси, во своите права и привилегии, но и во своите должности и одговорности како слободен човек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top