На вечерашната свечена академија по повод Денот на независноста, претседателот Ѓорге Иванов се осврна и на предвремените парламентарни избори договорени за 11 декември. Порача дека не е важно само кој ќе освои најмногу гласови и кој ќе владее до наредните избори туку, како што рече, многу е поважно како ќе помине предизборниот и изборниот процес и дали ќе се почитува волјата на граѓаните, не само од победникот, туку и од поразениот.
– Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница. Новата Влада ќе има голема задача, на повеќе полиња, рече Иванов.
Во услови на блокирани европски и евроатлантски интеграции, според македонскиот претседател, неопходно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре, односно да ги реформира и унапреди институциите.
– Ако Европската унија нема волја да ги започне преговорите за членство и да ги отвори поглавјата за Македонија, тогаш ние самите треба да си ги отвориме 34 те поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Неопходно е да ги зацврстуваме институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или, барем, минимизираме последиците од блокадите. Затоа, неопходно ни е стратегиско свртување кон внатре. Сами да се менуваме, на подобро. Но, тоа стратегиско свртување кон внатре е многу подлабоко и посуштинско, истакна шефот на државата.
Порача дека по изборите, новата влада, но и сите граѓани заедно ќе треба напорно да работат за релаксирање, наместо заострување на односите во општеството, за враќање на културата на дијалог и на компромис во политиката и, како што рече, треба да се гради Македонија како држава на успешните, како општество поштедено од политизација и партизација, во кое политичките битки ќе се водат во институциите, а не на улиците.
– Општество во кое врвна вредност ќе биде лојалноста кон државата и нејзините институции, а не кон партијата. Лојалност кон сограѓаните, а не кон сопартијците. Општество во кое ќе престанеме да се гледаме низ тесната и ограничувачка призма на партиите и идеологиите, но, ќе се гледаме како сограѓани, сонародници, соседи, луѓе. Држава со здрава и зрела политичка елита, во кое власта ќе ги прифаќа конструктивните предлози на опозицијата, и во кое опозицијата ќе ги поддржува добрите политики на власта. Медиуми кои ќе го вратат и чуваат достоинството на новинарската професија и пристојноста во јавниот простор. Медиуми кои ќе бидат совест на општеството. Судство кое ќе дели правда втемелена врз утврдената вистина. Училишта и универзитети кои ќе продуцираат кадри подготвени да се натпреваруваати да победуваат на глобалниот пазар на идеи. Претприемачи и бизнисмени кои ќе бидат подготвени да водат етички бизнис, истакна претседателот Иванов на свечената академија по повод Денот на независноста 8 Септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево