– Многумина беа изненадени од нашата одлука за независност. Некои мислеа дека ќе станеме и останеме фуснота во нечија туѓа историја. Дека поглавјето за Македонија конечно ќе биде завршено и затворено. Но, ние, македонските граѓани решивме сами да го испишеме нашето ново поглавје во историјата. Решивме да бидеме главни носители на нашата македонска приказна, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќање на свечената академија која вечерва по повод Денот на независноста се одржа во Македонскиот народен театар.
Според македонскиот претседател, со прогласувањето независност Република Македонија нарушила многу планови, станувајќи исклучок од многу правила, со што, пак, почнала борбата за меѓународно признавање, воспоставување дипломатски односи, зачленување во меѓународните организации.
Од почетокот на независноста, рече тој, гледаме како некој постојано да се обидува да го прецрта, да го избрише нашето име. А бришејќи го името Македонија, оцени Иванов, некој како постојано да се обидува да ни ги оспори сите аспекти на нашиот идентитет. И етничкиот, и јазичниот, и културниот, но и политичкиот, граѓански идентитет.
– Додека другите држави освојуваа нови пазари, ние ги браневме нашите основни и неотуѓиви човекови права и слободи, нашето право на самоидентификација и човечко достоинство. Право да бидеме тоа што сме. Додека другите напредуваа во своите интеграции, ние моравме да ја докажуваме очигледната вистина за нашето македонско име, за нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Да докажуваме дека постоиме, истакна шефот на државата.
Од првиот ден на независноста, рече Иванов, Република Македонија се соочила со бројни парадокси.
– Не нарекуваа закана за безбедноста, иако бевме единствената република што мирно излезе од поранешната заедничка држава. Не обвинуваа дека ја крадеме историјата, иако други ни ги крадеа артефактите. Иако ги исполнивме сите услови за меѓународно признавање и интегрирање, долго време бевме негирани и непризнавани, нагласи Иванов, додавајќи дека тоа не не обесхрабруваше.
Напротив, идејата за слобода, додаде тој, имаше моќ да го трансформира нашето општество. НАТО нудеше сигурност и безбедност, додека Европската унија нудеше успех и благосостојба. Затоа, рече Иванов, постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели членство во НАТО и во Европската унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството. И бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели.
– Но, и тука се соочивме со предизвици. Колку повеќе се приближувавме до целта, толку повеќе целта ни ја оддалечуваа од нас. Иако ги исполнивме сите критериуми за членство во НАТО и за почеток на преговорите со Европската унија, бевме блокирани и оставени сами на себе. Нашите стратегиски цели кои на почетокот не обединуваа, со блокадите почнаа да не фрустрираат, оцени македонскиот претседател на свечената академија за 8 Септември, по која следува концерт со револуционерни песни од проектот „Непокор“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево