Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска ја отвори манифестацијата „Ревија на народни носии од Скопскиот регион”, што се одржа на Факултетот за ликовна уметност во Сули ан, а ја организира Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со Здружението на уметници ракотворци АРТИ КРАФТ Скопје.
-Посебно чест и задоволство ми е да ја отворам оваа ревија на народни носии од Скопскиот регион, која за прв пат оваа година се одржува во нашиот град. Секторот за локален економски развој ја организира оваа манифестација во соработка со Здружение на уметници ракотворци АРТИ КРАФТ Скопје, проект кој произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развој на занаетчиството, угостителството, трговијата и туризмот на Град Скопје за 2016 година. Токму вие ракотворците чуварите на традицијата, сте сведоци кои преку своите дела преку своите вешти раце го раскажувате минатото, историјата и сте најдобриот запис за постоење на цивилизација на овие простори. Делата на ракотворците говорат за уметноста, способноста, за уметничката дарба, за креативноста, за духот на нашиот народ, говорат за нашето постоење, култура и традиција. Нивните дела се записи, сведоци на минатото на нашиот народ, и нивното дрво, глина, конец, кожа, игла, бакар, раскажуваат за богатата култура на сите народи од овој простор кои опстојувале со векови. Посебно ме радува што оваа манифестација, поткрепена со изложбата, се одржува во периодот на јубилејот 25 години, независност во слободна Република Македонија – истакна градоначалникот Трајановски.
Град Скопје го продолжува трендот на развој на старите занаети и поттикнување на развојот на домашното ракотворење преку презентација на нашето богатство, културно наследство и традиција на автентични носии пред граѓаните на град Скопје и туристите, бидејќи токму ракотворците говорат преку своите дела како се чува, како се негува, како се раскажува минатото кое е корен на секој народ.
-Основните цели на оваа манифестација се: откривање, чување, заштита и презентирање на богатото народно творештво, изразено преку народни носии и везот, негувано низ вековите и во различни општествено-економски и политички услови во кои живеел и творел македонскиот народ, а со него заедно и народностите, изразувајќи ја својата самобитност и творечка уметност што го определува националното значење и карактер на самата манифестација, посочи во своето обраќање градоначалникот Трајановски.
Овој настан се организира со цел, исто така, да се популаризираат народните носии од Скопскиот регион, кои изобилуваат со оригиналност и реткост, да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производството и поттикне размената на искуства и знаење на ракотворците. Воедно, целта на одржување на настанот е и зголемување на продажбата на занаетчиските производи и зголемување на туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на град Скопје.
Во рамките на манифестацијата денеска се одржува изложба на народни носии и сувенири во дворот на ФЛУ, како и концерт на учесници на КУД во Домот на АРМ, а во текот на вчерашниот ден /6 септември/ во Музејот на Македонија се одржа трибина на тема: Народната носија од Скопскиот регион на која свои излагања имаа м-р Достана Караѓозоска Станковска, Горданче Видиниќ –етнолог-кустос-советник и Нада Андоновска од Музеј на Македонија.
Здружението на уметници ракотворци АРТИ КРАФТ Скопје на Градоначалникот Коце Трајановски му додели благодарница за поддршката којашто ја дава за зачувување на старите занаети и народното творештво, а благодарници добија и Слободан Ќосев и Билјана Стојмановска од Секторот за локален економски развој на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст