фото: Радио МОФ
Граѓанската иницијатива за правата на ЛГБТ, која ја спроведува коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во партнерство со „ЛГБТ јунајтед“, почна кампања за правата на лезбијките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродните лица во Тетово и во Битола. Активистката Ирена Цветковиќ, која е дел од коалицијата, за Радио МОФ вели дека рекламните паноа се дел од кампањата што ќе трае овој месец во овие два града.
– Целта на кампањата е промоција на правата на ЛГБТ, промоција на принципот на антидискриминација, еднакви можности и заштита од говор на омраза на ЛГБТ. Идејата зад целата иницијатива е поттикнување на овие прашања на локално ниво и претставува еден скромен обид за формирање и мобилизирање ЛГБТ активизам надвор од Скопје, односно низ републиката – вели Цветковиќ.
Пораката на дел од рекламните паноа во Тетово и во Битола гласи „Лесно е да мразиш, храбро е да љубиш“. Неодамна активистите на двете организации беа нападнати додека спроведуваа јавни активности во Битола, по што инцидентот беше пријавен в полиција. Нападот се случи додека лепеа постери со промотивна содржина за човековите права во рамките на проектот „Граѓанска иницијатива за ЛГБТ права“ и прошетаа низ Широк сокак со знаме во боите на виножитото, објави Радио МОФ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.