| четврток, 6 декември 2018 |

Еден месец притвор за наркобосот Келменди

 

naser-keljmendi

Денеска Насер Келменди заработи едномесечен притвор од страна на судијата на ЕУЛЕКС.

Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) вчера објави дека го уапсила Насер Келменди, кој претходно бил пуштен од 48-часовното задржување откако во неделата, на 5 мај, првично го уапси полицијата на Косово.

Келменди е уапсен во вторникот вечерта врз основа на налог што го издаде обвинител на ЕУЛЕКС од Канцеларијата на Специјалното обвинителство на Косово (СТК), се наведува во соооштението на Еулекс.

Акцијата на апсење е изведена во координација меѓу домашните и обвинителите на ЕУЛЕКС.

Осомничениот е под истрага и за кривични дела од организираниот криминал, се додава во соопштението.

Со ова „апсење“ е обезбедено предметот за Келменди директно да го преземе меѓународниот обвинител на ЕУЛЕКС, кој ќе спроведе постапка за предавање пред косовските судови, во кои сигурно ќе има и судии на ЕУЛЕКС и косовски судии.

На овој начин е обезбедена можноста од директно вклучување судии и обвинители на ЕУЛЕКС во оваа постапка.

Со Уставот на Косово е регулирано државјанин на Косово да не може да се екстрадира на друга држава заради кривични дела извршени во оваа држава. Иако Косово, според мислење на правните стручњаци, ги има сите неопходни правни акти што го регулираат прашањето на екстрадицијата, заради непризнавањето  на Косово од Босна и Херцеговина и фактот да не постои спогодба за правна соработка меѓу БИХ и Косово се очекува во овој случај да се примени Европската конвенција за екстрадиција.

Уште никој официјално не може да потврди дали Кељменди има косовско државјанство, иако тој денеска на членовите на Одборот за заштита на човековите права и слободи, кои го посетиле во притворот, им кажал дека е државјанин на Косово.

Постапката на екстрадиција треба да се изведе пред косовските судови по барањето за екстрадиција кое, како што се очекува, БиХ ќе го достави преку Еулекс.

Последниот збор за екстрадицијата на Кељменди, по завршувањето на судските постапки, ќе треба да го има косовскиот министер за правда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top