НИРМАЛ ХРИДАЈ (Чисто Срце)
Не „Т’га за Југ но Т’га од Југ” ме следи,
иако топло е со Бог секаде,
а во Нирмал Хридај македонски и претопло.
Со Бог сум и затоа со вас –
место Вардар, Хугли мене ме мие, до заливот Бенгал
и Јужниот Дум Дум*, и до петте копна на планетава
од каде болните копнеат за милост.
На вас ви служам зашто со Бог се дружам –
И тој со нас. Не плашете се!
Во калливи колиби на Баракпор* неговата милост
посвето свети одошто во мраморен Меморијал
на кралицата Викторија*…
Честитоста да ни расне од понизност – помагајки си,
раце полни љубов подавајки си,
oд мочуришта на Каликата*
до мориња, до секоја вода
света што станува кога Бог ја обзнанува за негова
средина на семоќен изцелител. Со вера да се лечиме,
со покорност кон родителот да се очовечиме,
низ болести да се одречеме од слабостите. . .
Благодарност ме води, од пантеони до подземја –
благодарните да ги дарувам
со утеха, освен со лек, и со покрив, ако не со век.
А за векот и вечноста, Сезнајниот Содржител
останува во негово време да не дарува.
Но она што ме боли, нејаки мои, ме боли за оние –
другите, од богати Маидани* на светот здрави што се
прикажуваат, сезнајни и семоќни што се замислуваат,
а мислата од безбожност им боледува.
И за нив да се молиме, за тие – и слепи по дух,
и со парталава душа, понечиста од сите јавни речни
перални за лепрозните. И за нив дојдов, преку Даблин
и Дарџилинг, иако не знаев за што ме спремал отецот:
и деца и старци од улични боледувања да згрижувам,
сакатото девојче од мое крило да летне и
мајчинска љубов да пресретне; слепиот и глув старец
на мое рамо да се потпре, да го изведам до тивкиот
залез на немото збогување. Дојдов, а не знаев
дека гимназија* требало да напуштам –
разјадени домови да престорам во храмови
на милоста, да ги подигнам, со нашите скршени тела –
да ги исполнам и над нив да почнам да бдеам –
за здравје, и за исцелување. Ова мое срце да се моли,
се почисто колку посилна болка
привидната неправда нанесуваше, или
само привремено пред радоста напредуваше.
Знаевме само ние, од светските боишта учени:
нема од каде снага да напоиме, вера да надоиме,
освен од овие за мене, за вас, храмови
на „Чистото Срце”, домови за изгубените
и од незнаење заразените. Со љубов ги смируваме.
Во овие храмови на Плодовите на Духот* –
бездушната слава на мобилните безбожници
губи смисол, губи моќ пред нашите срца
верно, скромно, истрајно што умираат
за слава на човеноста, гостољубие што раздава
на сите Бога што го бараат:
и од Хинду Кали* храмот и од Находа Џамијата*
и од Свети Павле Катедралата*
и од Македонската црква…
И во домот на „Чистото Срце” Господ спие со вас
и ве покрива со преслатка милост, со преблажен мир
ве ослободува, сакани мои, чеда на светот, таго моја
јужна, радост сестрана, земјо од завист заробена…
Помогни ми, Боже, да издржам – Тага од Југот
со темен јазик во пламенот, потсетник останала
за великата вистина дека и Нобелова и Кралска
и Музина награда окнижена –
и изгорена и поплавена и понижена може да биде,
како и Ноемвриски и Мајски почести. Ни една од нив
не ме беше сместила во овој храм на љубовта.
Ниту Ганди, ниту Тито, ни Сенегал, ни Скопје
неврзано, ни Лос Ангелес разврзано
вакви порти од душа не отворија, не подигнаа –
единстено само ТИ, Содржителe на сите
стотини илјади милијарди атоми во нашите
тела и стотини илјади милијарди галаксии
во небесните дела.
Милозливи мои, миросани ѕвезди на добрината,
гладни за љубов, од туѓа неправда нечисти,
од светска немилост прегазени. Само заради Бог
(заради Добрината од него во вас), со вас сум,
а не со моќните, гласните и од разврат гнасните.
Се оддалечив од нив, им се заблагодарив,
и вашите звезди на тагата ги следев,
зашто знаев – тагата моја по вистината
поистрајно владее и од владетелите
раце што ми бакнуваа, па си заминуваа
по казината, а нашата борба со неправди ја оставаа
ненадмината ни со пара, ни со дара, ни со филозофии.
Ние, поистрајни сме и од нови и од стари
строители на династии и власти, шарени и безбојни.
Тие, што бракови од почеток, и престоли подоцна,
ми нудеа, тие истите… Зад нас немоќните ги сушеа и
жени си гореа, а самите загубници/прељубници беа.
Срцето мое со вас е, невини мои –
Ни Исток ни Запад, ни лева ни десна страна
на светот, срцето не ми го поделија.
Таткото на животот срце ми чуваше
за вас, на кои им треба. Од алчни незаразено е тоа,
од безмилосни непоразено, од крадци непоткупено
и од дволични необезличено: Лично е, и мудро
зашто гледа во небесни огледала на вистината.
Доаѓам чеда!
Еве ме и со вас – стари родители на чедата!
Пред прагот на иднината ја оставам тагата
за во нов ден, променет во македонско достоинство,
да влезам. За и во него срцата со причестена чистина
да знаат тагата да си ја гаснат,
над огништа на вековите
храмови на здравјето да раснат –
од нас до Севишниот!
Марија Емилија Кукубајска
(Лос Анѓелес – Скопје, 1997-2014)
Појаснувања
*Нирмал Хридај, Дом за смртоносно сиромашните
во Калкута, Индија
*Хугли, река близу Бенгалскиот Залив
*Јужен Дум Дум и Баракпор – предградија на Калкута
*Меморијал на Кралицата Викторија, музеј од 1921 во Калкута
*Каликата, село од 1698, дел од модерна Калкута,
денес град со 11.021.915 жители
*Маидан, раскошен парк во Калкута
*Даблин – Ирска и Дарџилинг – Индија, градови во кои се
школувала Мајка Тереза
*Римо-Католичката Гимназија во Калкута, во која Мајка Тереза
била директор, но ја напуштила за да се посвети на
мисионерство меѓу сиромашните
*Плодови на Духот (доблести): љубов, радост, мир, трпение,
љубезност, добрина, верност, милозливост и самоконтрола
(Нов Завет, Епистола на Св. Павле до Галатјаните, 5:22)
*Хинду Кали, Хинду храм во Калкута
*Находа Џамија, Исламски храм во Калкута
*Катедралата Св. Павле во Калкута
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.