Алојз Гомбар еден од последните преживеани роднини на Мајка Тереза в недела во Рим, на покана на Папата, ќе присуствува на прогласувањето на неговата тетка за светица. Гомбар работи како златар во ГТЦ во неговата продавница за накит „Луис“, која е крстена според прекарот со кој му се обраќаат пријателите.
-Многупати сум бил во Рим, но не сум имал можност за средба со папата иако сум го посакувал тоа. Во март годинава во Скопје дојде државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин. Тогаш од Владата ме повикаа да присуствувам на вечерата во негова чест. Кардиналот во разговорот изрази желба како роднина на Мајка Тереза да присуствувам на канонизацијата. И еве влегов во протоколот за тој голем настан. Од една страна чувствувам огромна чест и одговорност, а од друга страна се чувствувам толку ситен и беззначаен во однос на големите дела што ги направи мојата тетка“, вели Алојз (66), и покажува кон многуте слики од Мајка Тереза кои ја красат неговата продавница, вели за „Дојче веле“, Гомбар.
Тој има безброј сеќавања од нејзините посети на родното Скопје.
-Дојде во Скопје со два пара сандали, едните скинати, другите нови. Ја прашав – зошто не ги носиш новите? Ми рече: Синко, мојот пат е долг и долг ќе биде. Новите морам да ги чувам“, се потсетува Алојз, на денот кога пристигнала со мала торба во која имало минимум облека. Роднините сакале да и купат нова облека, но таа ги одбила. Беше скромна и едноставна во секој поглед. Се сеќавам дека јадеше само еднаш дневно. Велеше – не ми треба ништо, освен да знам дека сиромашните во светот денес имале што да јадат. Лекцијата што ни ја даваше беше едноставна и благородна: Богат си толку, колку што ќе им помагаш на сиромашните. Освен љубовата, помошта и споделувањето со другите, ништо друго не е вредно!, се потсетува тој на нејзините зборови.
фото: Дојче веле
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.