| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп: Мексико ќе ја плати 100 отсто изградбата на ѕидот на границата со САД

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека Мексико „ќе плати 100 отсто за изграбата на ѕид долж границата со САД“.

Во предизборниот говор за имигрантската политика во Феникс, во сојузната држава Аризона, Трамп одново се врати на своите тврди погледи за пресметка со илегалните мигранти и за протерување на сите кои немаат документи за престој и работа во САД.

– Границите ќе бидат затворени, а ќе бидат оставени отворени само за да се депортираат милиони илегални имигранти, изјави Трамп.

Неговата груба реторика, во која хиспаноамериканските мигранти биле дисквалификувани и навредувани, е сосема различна од неговиот помирлив тон, за време на кусата посета на Мексико Сити, што беше реализирана само неколку часови пред излагањето во Феникс.

На средбата со претседателот Енрике Пена Њето, во мексиканскиот главен град, не било разговарано за финансирање на ѕидот што Трамп го најавува уште од почетокот на својата кампања.

Медиумите во САД пишуваат дека тоа не било споменато ниту на заедничката прес-конференција, но од мексиканска страна сега се открива дека претседателот Њето му рекол на Трамп дека Мексико нема да плаќа за граничниот ѕид.

Во говорот во Феникс, Трамп ги нарекол сите илегални имигранти „сојузници на криминалот“, дека први ќе бидат депортирани сите од нив кои еднаш биле уапсени, без разлика дали биле и осудени или не, како и дека оние кои сакаат да обезбедат легален статус во САД, прво е мора да се вратат во своите земји.

Трамп најави дека како претседател на САД ќе формира специјални сили за депортација кои ќе се занимаваат со потрагата и апсењето на „илегалците“, за кои вели дека ги има околу 11 милиони.

Во својот говорто, ја обвини Хилари Клинтон дека сака да ги амнестира илегалните имигранти и дека нуди политика на „отворена врата“ во САД.

Медиумите откриваат дека веднаш по говорот на Трамп, еден член на неговиот совет за односи со хиспаноамериканците поднел оставка, а друг најавил дека си заминува од советот, несогласувајќи се со политиката што Трамп ја нуди за малцинставата, а посебно за хиспаноамериканците.

Според Си-Ен-Ен, мексиканскиот претседател и самиот ја сменил својата реторика кон Трамп, признавајќи дека некои негови политички ставови се „закана за Мексико“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top