| четврток, 6 декември 2018 |

Европската комисија: Епл должи 13 милијарди евра данок

Американскиот концерн Епл во Ирска мора да доплати данок од рекордни 13 милијарди евра. Европската комисија смета дека концернот  добил даночни повластици во толкав износ од страна на ирската влада.

Европската комисија оцени дека даночните повластици за Епл (Apple) одобрени од страна на ирската влада претставуваат илегална државна помош на товар на конкурентските фирми. Затоа, Ирска сега мора да го бара назад износот од 13 милијарди евра, колку што Епл „заработил“ со плаќање повластен данок во периодот од 2003 до 2014 година.

Ирска тврди дека Епл не добил недозволена државна помош и дека она што требало да се плати било платено. Сега се проверува во детали оценката на ЕК за да може да се подготви жалба пред судовите.

Од Епл веќе е најавена жалба. Концернот во Ирска има околу 6.000 работници.

ЕК со години презема мерки против нефер даночната конкуренција во ЕУ, при што се повластени одделни концерни. Комисијата минатата година за илегални ги прогласи сличните „дилови“ на Холандија со концернот Старбакс, како и на Луксембург со Фијат-Крајслер и побара да се доплати данок во двоцифрен милионски износ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top