Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги започна подготовките за двата квалификациски натпревари против Шкотска во Единбург на 2 септември и против Северна Ирска на 6 септември на националната „Филип Втори“ арена во Скопје.
Играчите од нападот Даниел Аврамовски и Марјан Радевски се свесни за важноста на натпреварите, но нагласуваат дека ќе се обидат да продолжат во победнички ритам.
– Досегашните резултати не обврзуваат да продолжиме во ист ритам. Натпреварите против Шкотска и Северна Ирска се исклучително значајни, но имаме играчи кои можат да одговорат на предизвикот. Денеска ќе ја анализираме играта на Шкотска, а тактичките замисли на селекторот ќе ги работиме на тренинг. Се надевам дека ќе го покажеме квалитетот што го поседуваме и уште еднаш ќе ја израдуваме македонската јавност, изјави фудбалерот на Црвена Звезда, Даниел Аврамовски.
Напаѓачот на Шкендија, Марјан Радески вели дека пресметката против Шкотска е голем предизвик, тежок натпревар во кој мораме да бидеме сконцентрирани до последниот свиреж на главниот судија.
– Знаеме што не очекува, Шкотска е квалитетна репрезентација, тактички дисциплинирана и не смееме да се опуштаме во ниту еден момент. Имаме сила и квалитет да се спротивставиме и да се радуваме на добар резултат. Во овие квалификации веќе направивме големи резултати, но посакуваме да остане запаметено нашето учество на големо натпреварување. Ќе дадеме се од себе тоа и да го постигнеме, изјави Радески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.