| четврток, 6 декември 2018 |

Државната награда „Мајка Тереза“ за доктор Димитар Котевски

nagrada m tereza

Доктор Димитар Котевски за својата долгогодишна хумана работа и достигнувања во областа на медицината е добитник на годинашната награда „Мајка Тереза“. Доделувањето на наградата се одржа денеска во Собранието на Република Македонија. Претседателот на одборот за доделување на наградата „Мајка Тереза“, Марко Китевски, рече дека денеска ние го славиме хуманизмот, го славиме споменот на нашата сограѓанка Мајка Тереза, која прославувајќи се со својата добрина го прослави и нашиот град Скопје и нашата татковина Македонија. ­

– Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ годинава реши да го награди примариус доктор Димитар Котевски за неговите заслуги во областа на медицината и за неговите хумани дела – изјави Китевски.

Добитникот на наградата Котевски истакна дека се чувствува почестен за високото признание и оцени дека борбата за хуманост често не е доволно разбрана, но хуманоста останува таква, она е универзалнa и не признава граници.

Котевски паричниот дел од наградата го подари, третина на Здруженито на слепи лица во Битола, третина за поплавените во Стајковци и Скопско и третина за списанието „Македонско сестринство“.

Државната награда „Мајка Тереза“ се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top