| четврток, 6 декември 2018 |

Првпат во 20 години – Месојадно растение пронајдено во Преспанско Езеро

rastenie prespa

Ретко месојадно растение било најдено во Преспанско Езеро за време на редовна набљудувачка сесија, соопштила Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), пишува екологист.мк

Станува збор за водно растение со латинско име Aldrovanda vesiculosa, кое од Меѓународната унија го нарекуваат и растение воденица (waterwheel plant) поради неговата форма. Ова е првпат по 20 години ваков вид да се најде во Преспа, и во Македонија воопшто. На листата на IUCN видот е категоризиран како загрозен. Фактори што негативно влијаат на неговиот опстанок се урбаниот развој, земјоделството, прекумерното користење на водите, нарушувањето на екосистемите и загадувањето.

Станува збор за растение кое нема корен, само стебло долго од шест до 40 сантиметри, и листови наредени во круг, кои на краевите се во форма на чашки (оттаму асоцијацијата со воденичарско тркало). Со нив растението фаќа мали водни инсекти и безрбетници, со кои се прехранува. Тоа е едно од ретките растенија во светот што е способно да изведува брзи движења. Поради нарушувањето на екосистемите, одржливи популации опстанале на само педесетина места во светот, во Европа, Африка, Азија и во Австралија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top