| четврток, 6 декември 2018 |

Создадов буркини за да им дадам на жените слобода, а не да им ја одземам

Збраната на француските власти да се носи буркини на плажа, која важи во 15 француски града, предизвика бројни реакции.

bur 9

Ова ја погоди и австралиската дизајнерка со либанско потекло, Ахеда Занети, која и ги создаде буркините, по што упати јавно писмо преку „Гардијан“, кое многу други светски медиуми го објавија, а истото ви го пренесуваме во целост во продолжение:

„Кога го создадов буркини во почетокот на 2004 година, целта беше да им дадам слобода на жените, не да им ја одземам. Внука ми сакаше да игра нетбол, но беше малку тешко за неа да влезе во тимот – таа носеше хиџаб. Сестра ми мораше да се бори за тоа нејзината ќерка да игра, мораше да дебатира на темата и да праша, зошто на оваа девојка ѝ е оневозможено да игра нетбол поради нејзината скромност?

Кога конечно ѝ беше дозволено да игра, ние сите отидовме да ја гледаме и да ја поддржиме, а тоа што таа го носеше беше сосема несоодветно за спортска униформа – долен дел тренерка, поткошула како ролка и нејзиниот хиџаб, тотално несоодветно за било кој тип спорт. Беше толку црвена и ѝ беше жешко, што изгледаше како домат.

bur 7Отидов дома и почнав да барам нешто што би можело да биде подобро решение што би можела да го носи, спортска облека за девојките муслиманки и не можев да најдам ништо. Знаев дека нема ништо такво во Австралија. Тоа ме натера да размислувам, бидејќи кога јас бев девојка, го пропуштив спортувањето – ние не учествувавме во ништо бидејќи одлучивме да бидеме скромни, но за мојата внука сакав да најдам нешто што ќе се прилагоди на австралискиот начин на живот и западното облекување, но во исто време ќе ги задржи потребите на една муслиманска девојка.

Затоа, седнав на подот од мојата сала и дизајнирав нешто. Го погледнав и тргнав голем дел од вишокот ткаенина, што ме направи нервозна – дали мојата исламска заедница ќе го прифати ова? „Велот“ е наменет да ја покрие твојата коса и облик, не го истакнуваш обликот на твоето тело никаде. Но, ова беше обликувани околу вратот. Си помислив, па се работи само за облик на врат, не е толку важно.

Пред да го лансирам дизајнот, направив примерок со прашалник да видам што луѓето ќе мислат – дали би го носеле ова? Дали ова ќе ве охрабри да бидете поактивни? Да спортувате повеќе? Да пливате? Многу од луѓево во мојата заедница не знаеја како да го прифатат ова, но јас го развив комерцијално и направив добар бизнис.

bur 10Буркини го привлече вниманието на сите кога „Surf Lifesaving Australia“ ја претстави програмата за интегрирање на муслиманските момчиња и девојчиња во она со што тие се занимаваат, особено за една трка (Cronulla riots) за која беше заинтересирана и девојка муслиманка да земе учество. Таа носеше буркини.

После 11-ти септември, споменатата трка и забраната на бурка во Франција и интернационалната силна реакција што следеше – за нас дека сме лоши луѓе, а сѐ поради неколку криминалци кои не зборуваат во името на муслиманите – навистина не сакав никој да им суди на овие девојки што ги носат. Тоа само значи дека девојката е скромна.

Се работи за интеграција и прифаќање, да се биде еднаков, а не осудуван. Сето ова време многу ни е тешко, на муслиманската заедница, тие имаат страв од истапување. Имаат страв да одат на јавни базени, плажи и јас сакав овие девојки да имаат самодоверба и да продолжат со добриот живот. Спортот е важен и ние сме Австралијци!

Сакав да направам нешто позитивно – и секој може да го носи ова, и христијанин, евреј, хиндуист. Тоа е само парче облека за скромна личност или некој кој има рак на кожа, или млада мајка која сѐ уште не е подготвена да носи бикини, а не го симболизира Исламот.

Кога го нареков дизајнот буркини, навистина не мислев дека тоа е бурка за плажа. За мене, бурка беше само збор – јас сум одгледана и растев во Австралија, целиот мој живот сум тука, а го дизајнирав овој костим за капење и сакав да има некое име што брзо ќе се памети. Името е комбинација од две култури – ние сме Австалијци, но исто така сме муслимани, по наш избор. Бурката не симболизира ништо овде и не се споменува во Куранот и нашата религија не бара од нас да ги покриеме нашите лица, тоа е избор на овој што ја носи. Денеска, бурката се наоѓа во секој исламски текст.

Морав да го побарам значењето на зборот „бурка“ и беше опишано како вид на капут или облека за целосно покривање, а од другата страна беше бикинито, како костим за капење и јас ги искомбинирав.

bur 5

Оваа негативност што се случува сега и она што се случува во Франција ме прави многу тажна. Се надевам дека тоа не е поради расизмот. Мислам дека не ја разбрале облеката која е толку позитивна – симболизира лежерност, среќа, забава, спорт и здравје, а сега бараат од жените да се тргнат од плажите и да се вратат назад во кујните?

Тоа им даде на жените слобода, а тие сега сакаат да им ја одземат слободата? Па кој е подобар, талибанските или француските политичар? И едните и другите се подеднакво лоши.

Мислам дека ниту еден маж не треба да се грижи за тоа како жената се облекува – никој не нѐ форсира, тоа не женски избор. Она што го гледате е наш избор. Дали себеси се нарекувам феминисти? Да, можеби. Сакам да застанам зад мојот сопруг, но јас сум движечкиот мотор и тоа е мој избор. Сакам тој да ги земе сите заслуги, но јас сум тивкиот победник.

Би сакала да сум во Франција за да го кажам ова: – не разбравте. А постојат толку многу проблеми во светот за кои треба да се грижиме, зошто создаваме нови? Го земате производот кој симболизира среќа и радост, спорт, и го претворате во производ на омраза.

Исто така, кои се француските вредности? Како мислите дека тоа не се меша со вашите француски вредности, што значи тоа? Слобода? Вие ни кажувате што да носиме, ни кажувате што да не правиме и ги враќате жените во своите домови – тогаш што сакате од нас да правиме? Ќе има зазор. Ако ја делите нацијата и не слушате и не работите на нешто, природно е дека ќе имате некој што ќе се налути. Ако ги оттргнувате луѓето и ги изолирате – тоа дефинитивно не е добра работа што било кој политичар ќе ја направи, во било која земја.

bur 6

Се сеќавам кога првпат го тестирав буркини. Го направив тоа во мојата када, морав да бидам сигурна дека функционира. Потоа морав да го тестирам така што нуркав во него, па отидов на локалниот базен за да го тестирам делот на главата , да видам дали ќе остане на место, дека нема да се извади. Кога отидов на базен, сите гледаа во мене – што носи? Отидов до крајот на базенот и почнав да нуркам, скокав во водата и излегував, а покривката за глава си стоеше на место, си помислив, прекрасно! Совршено!

Тоа беше првпат да пливам јавно и беше апсолутно прекрасно. Го паметам чувството многу јасно. Почувствував слобода, еманципација, се чувствував како да го поседувам базенот. Чекорев до крајот на тој базен со рамениците наназад.

Нуркањето е едно од најдобрите чувства во светот. И знаете што? Јас носам бикини под моето буркини. Го имам најдоброто од двата света!“

На крај, светските медиуми пренесуваат дека по забраната, продажбата на буркините се зголемила за 200 проценти, а 40 проценти од купувачите се жени што не се дел од исламската заедница, туку жени што од естетски или здравствени причини не сакаат да се соблекуваат на сонце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top