| четврток, 6 декември 2018 |

Приод до секој дом: Општина Гази Баба работи на расчистување на депониите и тампонирање на улиците

Периодот кој беше прогласен од Владата како кризен помина, Дирекцијата за заштита и спасување ја повлече механизацијата која работеше изминативе денови во расчистување на поплавените подрачја во Гази Баба.

-Упатувам голема благодарност до сите оние кои дадоа поддршка во механизација и луѓе за да можеме да ги нормализираме состојбите во кризните подрачја, до Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за транспорт и врски, градот Скопје, армијата на Република Македонија, Полицијата, општините и на сите компании кои дел од својата механизацијата ни ја отстапија да ни помогнат во расчистување на теренот. Ние со несмален интензитет продолжуваме со активностите на терен, Министерството за транспорт и врски има склучено договор со шест компании со кои ние веќе работиме на терен, односно со таа механизација ги дофинализираме работите, во расчистување на депониите, а паралелно со тоа работиме на тампонирање на улиците, истакна градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.

Во текот на претходните две вечери се работеше на расчистување на депонијата кај клучката во Стајковци, синојка работеа 12 камиони и 2 утоварувачи, во текот на денешниот ден на терен работат 49 камиони, 6 ваљаци кои што работат на места каде што ставаме тампон, 23 скипа, 3 багери, 7 боб кети, една машина која прави сечење на асфалтот онаму каде што треба да се санира и два утоварувачи. На терен се и јавните претпријатија од градот Скопје, фирмите кои што работат во општината, сезонските работници од нашето јавно претпријатие и од градот Скопје.

-Планот е сега да ги нормализираме приодите до секоја куќа, а крајот на следната недела да започнеме со реализирање на конкретни проекти по улици, односно да се направи анализа каде што е потребно да се вметне во проектот – атмосферска канализација, отворен канал и друго. До сега за тампонирање на улиците е однесен околу 5000 м3 дробен камен и 1000 м3 речен песок и до сега околу 10 км улици се истампонирани, во следниот период ќе се продолжи секаде каде што е потребно. За оние улици каде што имаме проект ќе се започне со постапка за избор на фирма, а паралелно со тоа ќе работиме и на уредување на каналите, со соодветни сливови и нивна заштита, за кои треба да добиеме препорака од ЈП Водостопанство Скопско поле, кои имаат надлежност на каналската мрежа, рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top