Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Евгени Кирилов, ја искористи можноста на денешниот состанок во Брисел за подготовка на следната средба на Мешoвитиот парламентарен комитет (МПК) меѓу пратеници од македонското Собрание и од Европарламентот, за повторно да ја нападне Македонија.
Во отсуство на грчки пратеници во Европскиот парламент, европратеникот Кирилов, кој е познат по неговата анти-македонска кампања во европскиот законодавен дом, денеска повторно нападна за изјавата на министерот за надворешни работи Никола Попоски, која во последно време Бугарите целосно ја вадат од контекст и обвинуваат дека, наводно, Македонија не сака да се постигне договор за добрососедство. Но, тој за ова доби одговор од македонскиот шеф на мисијата при Европската унија, Андреј Лепавцов:
– Се работи за изјава што е целосно извадена од контекст. Министерот Попоски кажа дека не е потребен договор за реализација на иницијативите кои Македонија ги предложи како остварување на прекугранична соработка и слично. А, што се однесува до договорот за добрососедство, веќе се остварени четири средби и тој договор треба да биде симетричен и реципроцитетен, со права и обврски кои ќе вклучуваат признавање и прифаќање на националната и јазична култура и другите различности. Во секој случај, македонската Влада е подготвена да продолжат преговорите, посочи амбасадорот Лепавцов.
Тој уште еднаш побара Европскиот совет да ги прифати препораките на Европскиот парламент и на Европската комисија и да одреди датум за почеток на пристапните преговори за Македонија.
Но, Кирилов тука не застана и потоа го нападна претставникот на Европската комисија, Дејвид Кулен, укажувајќи му дека имало грешка во Специјалниот извештај за Македонија во однос на посета на претседателот Ѓорге Иванов на бугарскиот клуб, дека Комисијата напишала дека го посетил невладиниот Бугарски културен клуб во Скопје, а всушност Иванов бил во центарот при бугарската Амбасада во Македонија. На ова, Кулен му одговори дека таа грешка е веќе исправена и дека Комисијата издаде официјална корекција.
Она што радува е се попозитивниот однос од страна на европратеникот Јорго Шацимаркакис кон Македонија, посебно што тој е и ко-претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет заедно со Кенан Хасипи.
На денешниот подготвителен состанок, Шацимаркакис рече дека го поддржува извештајот на известувачот Ричард Ховит, кој пак уште еднаш го пофали извештајот на Комисијата за Македонија и побара да се расчистат настаните од 24 декември минатата година.
По дебатите, присутните постигнаа договор и ја утврдија агендата за следната средба на македонските и европските пратеници, што ќе се одржи на 21 и 22 мај во Стразбур, во исто време кога на пленарна сесија на Европарламентот ќе се гласа и за резолуцијата за Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.