Тешко повреден е возач на мопед во сообраќајната несреќа што се случи во 14 часот на улицата Брегалничка во близина на штипската Млекарница.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова информира дека во несреќата учествувале мопед и патничко моторно возило Голф.
Според првичните информации од увидот на несреќата и мопедот и автомобилот се движеле во ист правец при што дошло до судир. Во штипската Клиничка болница е хоспитализиран 56-годишниот возач на мопед и неговата 53-годишна сопатничка, кои се од штипската населба Три чешми. Лекарите веднаш им пружиле медицинска помош, возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди скршеница на десното колено, а неговата сопатничка е со лесни телесни повреди. Со патничкото моторно возило Голф управувал 29-годишен жител на карбинското село Оџалија.
Панајотова додава дека и синоќа во Кочани имало сообраќајна несреќа во која учесници се малолетен возач на мопед и паркирано товарно возило. Шеснаесетгодишниот малолетник кој управувал со мопедот и неговиот 12-годишен сопатник удриле во паркираното тешко товарно возило. И двајцата малолетници се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје и се во стабилна здравствена состојба. Од СВР-Штип апелираат возачите на мопеди да носат кациги со цел да се заштитат при незгодите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.