| четврток, 6 декември 2018 |

„Да купуваме македонски производи“ се враќа на фискалните сметки

На секоја фискалната сметка од 1 јануари следната година ќе стои порака за купување на домашни производи, како и логото со сонце кое е симбол за македонските производи. Целта е да се поддржи домашното стопанство и  да се подигне свеста на граѓаните за купување македонски производи, најави министерот за финансии Зоран Ставрески. Ова е една од двете новини во законот за готовинските плаќања за која денеска информираше министерот.

-На секоја фискална сметка во иднина ќе се примени логото, знакот и пораките за поттикнување купувањето на македонски производи и да се поддржи македонското стопанство… Ова се промени кои се во насока на македонското стопанство, во насока на поддршка на користење македонски производи, бидејќи производството на македонски производи зависи од тоа колку тие во трговијата се користат, колку се употребуваат од страна на потрошувачите и заради времето во кое живееме  и заради општите услови во европската и македонската економија сметаме за потребно да се поддржат македонските производи и да се даде поттик за нивно користење и секој на сметката да види колкав е нивниот промет, истакна Ставрески.

Со измените на законот за готовинските плаќања кои ги донесе Владата на вчерашната седница, се воведува и промена во делот на поврзување на секоја фискална апаратура во реално време со терминал во УЈП.

-Секој фискален апарат кај субјектите ќе има ГПС систем со кој постојано ќе биде поврзан со Управата за јавни приходи, а УЈП пак ќе ја има информацијата за трансакциите и вкупниот промет кај секој субјект, додаде министерот Ставрески.

Оваа одредба ќе стапи на сила од 1 јануари до 1 март  2014 година за фирмите кои имаат над 10 милиони денари промет, за даночните обврзници кои се занимаваат со угостителска дејност и за даночните обврзници кои се занимаваат со малопродажба на нафтени деривати, а за останатите субјекти крајниот рок ќе биде 1 јуни 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top