Рио ќе биде домаќин на епско финале меѓу ватерполо селекциите на Србија и Хрватска, откако вечерва двете репрезентации славеа победи над Италија односно Црна Гора.
Првото полуфинале го добија Хрватите со 12-8. „Баракудите“ доминираа во текот на целиот меч и не дозволија „црвените ајкули“ да им се приближат и да направат изненадување. Хрватска уште на полувреме водеше со опиплива предност од два гола разлика (7-5), а во продолжение од натпреварот љубоморно ја чуваа. Во последниот период Црна Гора се обиде со игра на се или ништо, но тоа знаеше да го искористи составот на селекторот Ивица Туцак и со 3-1 ја завери победата и пласманот во големото финале.
Второто полуфинале кое се очекуваше да биде крајно неизвесно, донесе убедлива игра на српските „делфини“ кои иако крајниот резултат од 10-8 не го покажува тоа, избраниците на селекторот Дејан Савиќ буквално ја потопија Италија.
Пред неполн месец Италија во пријателски натпревар беше поуспешна од Србија, победувајќи со 10-9, па вечерва се очекуваше доста неизвесен натпревар. Но тоа не беше така, бидејќи селекцијата на Србија доминираше во текот на целиот натпревар и ја потврди фаворитската улога. Уште во првата четвртина српските ватерполисти направија предност од три гола (3-0), а на полувреме се замина со резултат од 6-2 за Србија откако водеа и со 6-0.
Во последната четвртина гледавме вистинска голеада во која поуспешна беше Италија (6-3), но недоволно за нова победа.
Кај Србија најрасположени беа Филип Филиповиќ, Андреј Прлаиновиќ и Слободан Ниќиќ со по два гола, додека кај Италија по два гола постигнаа Александар Велото и Валентино Гало.
Големото финале се игра в сабота навечер со почеток од 22.50 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.