| четврток, 6 декември 2018 |

„Развеселени“ полицајци меѓусебно се здробиле од ќотек

Vojna vezba Pasuljanske Livade specijalne snage MUP PTJ SAJ policija

Група полицајци од граничниот премин Деве Баир, кои вчера заеднички го прославувале Денот на полицијата во локална кафеана до доцна во ноќта, откако добро се „развеселиле”, почнале меѓусебно да се тепаат, објавува порталот МКД.МК, повикувајќи се на свои извори.

Очевидци на инцидентот тврдат дека поголема група од дваесетина полицајци вчера се собрале во кафеаната „Облаче“ заеднички да го прослават Денот на полицијата. Дел од нив останале до фајронт, по што околу 1,30 часот по полноќ ја напуштиле кафеаната, но по кратко време на десетина метри од гостилницата, кај крстосницата на магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, почнале општа тепачка удирајќи се меѓусебно со клоци и со тупаници.

„Тоа беше како на филм. Всушност, ниту на филм нема таква тепачка меѓу полицајци. Маваа кој кај што ќе стигне. Не знам дали некој од соседите ја пријави тепачката и дали има повредени, но разбравме дека дента пред да се случи инцидентот полицајците заеднички се собрале да слават во кафеаната „Облаче“, раскажуваат очевидци на инцидентот.

Во МВР велат дека ваков случај до денеска не бил пријавен кај нив, ниту во полициската станица во Крива Паланка. Информацијата ја проверивме и во граничната полиција Деве Баир – ни рекоа дека прв пат слушаат за настанот што ни го раскажаа жители од Крива Паланка. Во гостилницата „Облаче“ потврдуваат дека граничните полицајци славеле во кафеаната, но дека таму немало ниту расправии, ниту каков било инцидент. Тепачката, како што велат кривопаланчани, се случила надвор од кафеаната – на крстосница на магистралниот пат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top