| четврток, 6 декември 2018 |

Завршните сметки наместо до 28 февруари ќе се доставуваат до 15 март

aleksandar gorgiev

Владата одлучи да воведе нова можност за заштита и промоција на интересите на малцинските акционери и зголемување на нивните права и да ги прифати барањата на сметководителите за пролонгирање на рокот за поднесување на годишните завршни сметки на компаниите.

Со досегашниот текст на Законот компаниите имаа обврска годишната завршна сметка за претходната (оперативната) година да ја достават до Централниот регистар на РМ до 28 февруари во годината што следи по претходната година. Со новите измени, новиот рок до кој што компаниите ќе може да ја поднесат годишната завршна сметка за претходната година е 15 март во годината што следи по претходната  година. Средните и големите компании ќе имаат обврска да ја поднесат својата завршна годишна сметка исклучиво во електронска форма.

Трговците поединци ќе можат, како и досега, годишната завршна сметка да ја доставуваат до 15 март, и во хартиена и во електронска форма.

Според друга измена, акционер или група акционери кои имаат најмалку 10 отсто од основната главнина на трговското друштво, врз основа на постоење сомневање за можни нерегуларности во водењето на трговските книги и активностите на трговското друштво, односно дека трговското друштво постапува спротивно на одредбите од Закон за трговските друштва, имаат право да бараат од органот на управување да свика Собрание на трговското друштво на кое ќе се назначи овластен ревизор кој ќе изврши увид, ревизија, проверка, уверување или поврзани услуги во делокругот на активностите на трговското друштво за кои во барањето е изразено сомневање за постоење на можни нерегуларности.

– Доколку, по поднесувањето на барањето на малцинските акционери, Собранието на акционери не се свика во рок од 8 дена, или пак Собранието на акционери се свика, но одбие да номинира овластен ревизор или пак Собранието на акционери во рок од 60 дена од поднесување на барањето не донесе одлука за назначување на овластен ревизор, тогаш малцинските акционери кои поседуваат најмалку 10 отсто од акциите од основната главница на друштвото можат да бараат од надлежен суд да донесе одлука за назначување на овластен ревизор – објасни портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Малцинските акционери барањето до судот може да го поднесат во рок од 30 дена по завршувањето на една од трите претходно наведени ситуации во врска со однесувањето на Собранието на акционери.

Во случај на назначување на овластен ревизор, или од Собранието на акционери, или пак од судот, овластениот ревизор треба да исполнува два услова – со трговското друштво или акционерите да нема конфликт на интереси во смисла на Законот за ревизија и во последните три години да не давал консултантски услуги на трговското друштво или акционерите.

Трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на акционерите кои го барале назначувањето.
– Доколку по завршувањето на увидот, овластениот ревизор утврди дека постојат нерегуларности во водењето на активностите, односно во работењето на друштвото, трошоците за назначување и надоместок за овластениот ревизор паѓаат на товар на трговското друштво – вели Ѓоргиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top