Црна Гора, Хрватска и Србија се пласираа во полуфиналето на ватерполо турнирот на Олимписките игри во Рио во машка конкуренција.
Најинтересен меч беше оној меѓу Црна Гора и Унгарија кога дури по изведување на пеналите беше познат патникот во полуфиналето.
Унгарците, кои се најуспешната нација во ватерполото со девет титули, втора Олимпијада едноподруго нема да се на подиумот, откако се намачија со Црногорците.
Црна Гора водеше со 5:3 на полувремете, пред Унгарија да се врати со израмнувачки гол во последните моменти од регуларниот дел. Во пенал-серијата, голманот Милош Шќепановиќ имаше две одбрани за Црна Гора да ја добие пенал-серијата со 4:2.
– Бев лут бидејќи голот во финишот на натпреварот беше моја вина, така што морав да се потрудам да не го расипам овој прекрасен меч – изјави Шќепановиќ.
Црна Гора, која до 2008 играше како дел од Србија и Црна Гора, се покажа како „сила“ во ватерполото, откако лани на ЕП го освоија второто место зад Србија. Сепак, во Лондон 2012 и во Пекинг 2008 година, тие не успеаја да освојат медал, губејќи во мечевите за трето место.
Полуфиналните двојки ги комплетираше Италија која лесно со 9-5 славеше над Грција која се надеваше дека може да направи изненадување во Рио и да се пласира во полуфиналето на овој силен турнир.
Четвртфинале:
Црна Гора – Унгарија 9:9, 4:2 пен.
Шпанија – Србија 7:10
Бразил – Хрватска 6:10
Грција – Италија 5:9
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.