Лазар Петровиќ е најмладиот државен првак во шах во категорија на играчи до 14 години. Тој во периодот од 17 до 28 август ќе учествува на официјалното Европско првенство во шах, кое ќе се одржи во Прага, Чешка. Лазар на овој шампионат ќе се натпреварува со своите врсници од цела Европа и се надева дека достојно ќе ја претстави нашата земја. Покрај Лазе, на ова Европско првенство Македонија ќе има свои претставници преку државните прваци во категориите до 16 и до 18 години.
Летниот период младиот шахист го користи за напорно да тренира и сериозно да се подготвува за првенствата што следуваат. Покрај првенството на стариот континент во август, Лазе ќе настапи и на Светското првенство кое ќе се одржи во септември во Русија.
Неговиот почеток е многу интересен и вредно е да се спомне дека неговите родители се зачудени од неговата желба уште од најмала возраст да игра шах. За седмиот роденден тој добива подарок сет од игри во кои има и шах. Татко му му покажал како се редат фигурите и му го пренел своето знаење, кое било само почетничко.
– Шахот го засакав веднаш откако ги видов фигурите. Ми беа интересни бидејќи се во две бои, па прашав што е тоа. Татко ми ми ги нареди фигурите на таблата и ме научи на основните правила и движења. Сето друго го научив сам од самиот почеток, а подоцна играјќи и во клуб – ни вели на самиот почеток Лазе.
Од својата десетта година тренира и настапува за шаховската школа на велемајсторот Влатко Богдановски и на интернационалниот мајстор Дејан Стојановски. Оваа школа, која се наоѓа во општина Карпош, е под директно покровителство на шаховскиот клуб „Алкалоид“, кој, пак, покрај оваа школа, има школи што се наоѓаат на територијата на цела Македонија и се грижи за младите категории.
– Играјќи дома со роднини и со пријатели, моите родители разбраа за школата на Богдановски и на Стојановски и ме однесоа таму за да се обидам да се развијам во играч. Од првиот момент двајцата наши истакнати шахисти им предочија на моите родители дека имам талент за оваа игра. По само една година тренирање во клубот бев избран во нивната програма и решија да ми понудат да останам кај нив и под целосно покровителство на „Алкалоид“ да продолжам да се развивам и да напредувам – додава младиот шахист.
Богдановски и Стојановски, поради големите обврски што ги имаат децата надвор од шаховската школа, одлучија тренинзи да имаат само двапати неделно, во понеделник и во петок, но со зададени обврски и задачи во текот на цела седмица. Покрај активните тренинзи за учење на теоријата на шахот и анализите на минатите партии, Лазар Петровиќ својот талент го усовршува и со играње дома, односно со најпознатите шаховски програми на интернет, читање странска стручна литература и со играње шах со постарите шахисти од неговата школа.
– На тренинг одам двапати неделно. Тоа се повеќечасовни тренинзи, кои се многу интересни. Со тренерите анализираме партии, играме шах, учиме теорија, а во деновите меѓу добиваме и задачи кои мора да ги извршиме до следниот тренинг. Секое слободно време го користам да играм и на интернет против сериозни и реномирани играчи од целиот свет – објаснува Лазе.
ШК „Алкалоид“ ги покрива учествата на Лазе и на останатите млади шахисти на голем број турнири во нашата земја и во странство, како и присуството на македонските шампиони на европските и на светските првенства за сите категории. Талентот и знаењето што ги поседува влеваат надеж во клубот дека токму Лазе би можел да биде идниот македонски репрезентативец на првата табла.
– Многу е рано да зборувам за тоа. Не сакам сам за себе да кажам колку сум квалитетен и добар. Тоа што го имам научено досега е благодарение на шаховската школа на Богдановски и на Стојановски и, секако, на ШК „Алкалоид“. Навистина сум задоволен, ги имам сите услови, се води сметка за мене во клубот. Не се остава ништо на случајноста. Имам свој тренер, комуницирам со него и надвор од тренинзите и барам мислења и анализи и во останатите денови кога тренирам и играм сам дома. Сите патувања се покриени од клубот. За да се стане голем врвен светски шахист, потребни се многу посветеност, труд и работа. Се надевам дека еден ден јас ќе бидам тој што ќе биде предводник на македонската репрезентација – задоволно зборува младиот Петровиќ.
На државниот шампионат за категорија до 14 години учествуваат најдобрите шахисти од цела Македонија. Секој клуб може да пријави и по повеќе учесници, но одлучено е првенството да добие на квалитет и да учествуваат само најподготвените и најперспективни играчи. Лазе на домашното првенство во јуни се натпреваруваше против 10 играчи од цела Македонија и убедливо го освои првото место.
– Конкуренцијата е многу силна. Како растам, квалитетот на противниците се зголемува, а се намалува бројот на активни играчи. Тоа значи дека за некоја година ќе играм и против сениори, и можеби нема да можам веднаш да постигнувам врвни резултати. Секако, огромна помош во кариерата е и учеството на европски и на светски првенства, и на турнири од рангот на „Карпош опен“. Тоа е најголемиот турнир на овие простори и на него играм против сериозни играчи. Оваа година имав можност да играм против велемајсторот Адријана Николова од Бугарија, интернационалните мајстори Жупе Миран од Словенија и Алексадер Донченко од Германија. Тоа беше огромно искуство за мене бидејќи сите противници се со рејтинг повисок од 2.400 поени. На „Карпош опен“ го земав и првиот професионален рејтинг кој сега изнесува повеќе од 1.700 поени. Освојувам повеќе од три поени, што е одлично за мојата возраст – продолжи Лазе.
Во последните години шахот доживува експанзија во нашата земја. Сѐ повеќе млади деца се обидуваат да тренираат и да играат шах. Таков е случајот и со Лазе, кој како расте сѐ повеќе созрева и сѐ повеќе сака и попрофесионално да се занимава со шах. Неговата желба е на претстојното Европско првенство да освои повеќе од 50-проценти поени од одиграни партии. За него тоа би било огромен успех.
Тренерите му препорачале да се занимава и со спорт што бара физичка активност за да може да го издржи напорот што е составен дел од играњето шах. Исцрпувањето или намалената физичка кондиција некогаш може да бидат и пресудни за победникот. Слабата физичка подготвеност повлекува и умствен замор, а тоа значи и пад во концентрацијата во текот на една долга партија шах. Предност имаат индивидуалните спортови, а Лазе со помош на родителите избрал планински велосипедизам. Талентот за спорт што го поседува овој млад човек испливува на површина со тоа што тој е првак на Република Македонија во планински велосипедизам, секако во неговата категорија. Член е на велосипедскиот клуб Оксижен, кој редовно крстосува по македонските планини.
– Со планински велосипедизам се занимавам само една година. Многу е интересно и има одлично другарство. Јас сум еден од помладите, но тренерот Анета Антовска инсистираше да ме пријави на државното првенство и минатата и оваа година. По само еден месец активно тренирање, минатата сезона бев трет во категоријата за велосипедисти до 16 години, што е огромен успех бидејќи имав само 13 години. Веќе по само една година тренинг, на државното првенство во планински велосипедизам во 2016 година убедливо го освоив првото место, исто така против натпреварувачи кои се постари од мене и по неколку години. Тие се и физички посилни и поподготвени и со повеќегодишно искуство и тренинг. Сепак, не се предадов однапред и докажав дека можам да се носам и со постари од мене. Во велосипедизмот влегов сосема случајно, а веќе сум многу активен. Тоа, секако, многу ми помага и во шахот – задоволен е Лазе.
Иако е државен првак во своите категории и во двата спорта, за Лазе, сепак, шахот останува прва љубов.
– Иако имам успех и во шах и во велосипедизам, никогаш нема да се откажам од шахот бидејќи ми е прва љубов и од многу мала возраст ја засакав оваа игра. Сите спортски успеси што ќе ги имам во иднина се поврзани со шахот. Со планинскиот велосипедизам ќе продолжам да се занимавам бидејќи физички сум многу активен, а посетувањето на природата дополнително ме смирува и ми помага за зголемување на концентрацијата пред шаховската табла – дополни младиот шахист кој ќе ја претставува Република Македонија на Европското првенство во Чешка.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Дејан Станчевски
(Интервјуто со Лазар Петровиќ е објавено во 206. број на неделникот Република, 12.08.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.