„Шуруп“, „Градинарот“, „Ногу љубам да веслам“… тоа се хитовите на „Дуо трио“ или момците од К-15, кои своевремено беа големи хитови. За авторски права на овие хитови, според Васко Тодоров, еден од членовите на К-15, имаат земено 100 денари за цела година.
– Имаме три албуми, 22 песни. Пред две-три години, кога песните се вртеа на сите радиостаници ни јавија од ЗАМП дека имаме 100 денари за авторски права. Беше смешно и срамота да се земат тие пари за песни што се слушаа – вели Тодоров.
Тој е револтиран и од изјавите на директорот на телевизија „Канал5“, Иван С. Мирчевски, кој посочува дека комичари се членови на ММИ, новото Здружение, кое сака да ги заштити правата на произведувачите на фонограми и на изведувачите на македонската музика.
-Кој е компетентен да членува во тоа здружение ако не ние?! „Дуо трио“ има песни што се вртени и слушани – реагира Васко Тодоров.
Тој вели дека тие бараат да се спроведе контрола и се надева дека конечно преку ММИ ќе си ги остварат правата. Се согласува дека пиратството е најголем непријател на создавачите на македонска музика.
– Пиратството нè уништи. Ни имаат украдено повеќе од еден милион евра. Ние сме најоштетени. Еднаш на едно службено лице му посочив дека пред зграда кај мене продаваат пиратски цедеа. Тој крена рамена. Го прашувам ако не платам данок ќе ме приведете. Ми вика: „Па нормално“. А нормално е овој незаконски да продава копија од моето цеде? – прашува Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.