Владата на Црна Гора издвои 200 илјади евра помош за настраданите во невремето и поплавите што ја зафатија Република Македонија.
Амбасадата на оваа земја во Македонија соопшти дека 100 илјади евра се финансиска помош што е наменета за буџетската резерва на Македонија, а 100 илјади евра е хуманитарна помош, медицинска и интендантска опрема. Помошта ја подготвија неколку институции – Војската на Црна Гора, Дирекцијата за вонредни ситуации при МВР и главниот град Подгорица, а на повик на премиерот Мило Ѓукановиќ се вклучија и повеќе приватни компании од Црна Гора.
Хуманитарната помош е натоварена на шест камиони, а се состои од 62,9 тони флаширана вода, 3000 конзерви со храна, 50 комплети храна за бебиња и пелени, 1000 литри средства за дезинфекција, 300 пакети детергенти, 100 пакети за хигиена, 20 шатори, 1000 вреќи за спиење, 2100 лопати, 5000 пешкири, 100 мантили за дожд, 2000 полициски ранци, 50 носилки за повредени лица, 100 чифта гумени чизми и 400 ќебиња.
Конвојот од Црна Гора се очекува да пристигне на граничниот премин Ќафасан денеска околу 12 часот напладне, а ќе го пречекаат црногорскиот амбасадор во Македонија Предраг Митровиќ и првиот секретар во Амбасадата Јелена Милачиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.