После најавите на Путин дека ќе превземе контрамерки после наводното испраќање на украински диверзанти на Крим со намера таму да изведат терористички напад, а потоа и налогот на украинскиот претседател војската да се упати на границата со Крим, прашањето за „новата“ војна помеѓу двете држави се наметна само по себе и предизвика загриженост во целиот свет.
Додека Украина се подготвува за прославата на четвртина век од својата независност од Советскиот сојуз на 24-ти август, Москва одлучи на Украинците да им даде до знаење дека украинскиот суверенитет може да постои само доколку Русија го дозволи тоа.
Сега, какви и да се плановите на Владимир Путин и дали рускиот претседател сака да им објави војна на Украинците или не? тој сака сето тоа и тоа како да изгледа како една од опциите во иднина.
Од друга страна, факт е дека Украина ги отфрли неговите остри обвинувања за планираниот терористички напад на Крим кој наводно бил организиран од Украинците, нарекувајќи ги лажни и сугерирајќи дека тие му користат како изговор за ескалација на непријателството.
Според експертите, ваквата реторика на Путин е со цел да се побараат подобри услови во мировниот процес во Украина, или пак реториката на рускиот претседател му служи за да ги распламни националистичките страсти „дома“, во пресрет на руските парламентарни избори кои ќе се одржат следниот месец, пишува „Ројтерс“.
И покрај тоа што Украина не е членка на НАТО Алијансата, САД и ЕУ сторија се што можат за воено да ја оспособат украинската држава. Сепак, доколку Украина навистина биде нападната од Русија, мала е веројатноста дека овие нови украински сојузници ќе „скокнат“ да им помогнат.
Западните сили во соработка со украинските власти сторија се за да изградат капацитети и тактика против руското „хибридно војување“ кое користи дезинформации и пропаганда за да одржи максимална неизвесност.
Покрај тоа, Русија во Украина демонстрираше дека не штеди да користи и софистицирани оружја, комбинирајќи употреба на беспилотни летала и моќни артилериски и ракетни напади кои се сосема кадарни да ја победат софистицираната тактика и опрема која што ја користат западните земји. Резултатот на ова во „претходните рунди“ беше доведување на Украина во „пат позиција“, но доколку Москва сакаше, веројатно ќе ги прегазеше украинските сили долж заедничката граница.
Сето ова, меѓутоа, нема цел да испрати порака дека потенцијалната војна би била во интерес на Русија, напротив. Освен тоа што Украина би можела да одигра подобро од тоа што го очекува Путин, поради што таквиот „воен срам“ би му причинил и политичка штета, аналитичарите сметаат дека Русија нема ниту намера (а можеби нема ни способност) да задржи делови од Украина надвор од руското говорно подрачје.
Било каква воена акција на Русија во Украина може да резултира со нови поостри санкции на САД, а потоа како последица ќе биде и ширењето на НАТО Алијансата на истокот на Европа.
Една од интересните маани кои што водењето на ваква војна би можеле да ги има, од гледна точка на Владимир Путин е влијанието на предстојните американски претседателски избори: имајќи во предвид дека Трамп е негов фаворит, заострувањето на односите со Украина би го истакнало во преден план слабото искуство во надворешната политика на Трамп и ќе ја засили позицијата на Хилари Клинтон.
Што и да се наоѓа во позадина на сето ова што на нам ни изгледа како двегодишен конфликт кој е на работ да експлодира, исходот е крајно неизвесен, па се навраќаме на самиот почеток како и самите две земји: Украина можеби се надеваше дека годишнината ќе ја одбележи во знакот на интернационалната поддршка, но Путин би можел да го искористи тој датум за да покаже дека неговата земја е најдобра во една дисциплина – победување во војните со своите соседи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст