Ни невреме што се случува еднаш во 1.000 години не може да ги удави нечовечноста и лицемерството кои зафаќаат епидемиолошки размери во општеството. Пет илјади семејства, односно околу 20.000 скопјани неделава се борат со последиците од катаклизмичната поплава. Во изминатите денови ги видовме на терен војската, Црвениот крст, претставници на централната и на локалната власт, неколку екипи од соседните земји и по некој доброволец. Но, тоа ни од далеку не е доволно за брзо и ефикасно справување со природната непогода. Впрочем, во услови на елементарна непогода, обврска на сите ни е да помогнеме. Обврска, а не добра волја! Додека овие луѓе се борат со последиците од поплавата, со разочарување гледаме како голем дел од нивните сограѓани сѐ уште седат во своите суви домови и „ги жалат“ со барање вина во некој трет. Потфрлија граѓаните, но потфрлија и бизнисмените (барев во првите четири дена по поплавата) иако, за волја на вистината, мал дел од нив уште веднаш по несреќата дадоа активна помош на настраданите. Не сакам да го потценам придонесот на оние кои на било кој начин учествуваат во санирањето на последиците од големата катастрофа, туку сакам да укажам дека реакцијата требаше да биде многу посилна и побрза, познавајќи ја широкоградоста на македонскиот народ.
Од друга страна, врвот на нехуманиот однос кон своите сограѓани го достигнаа пензионираните платенички револуционери. Ако во изминатите две години помисливме дека видовме сѐ што може една изопачена свест да извади од себе – (посакуваа смрт на полицајци, бараа крв, провоцираа инциденти, колнеа, плукаа, се закануваа на 500.000 граѓани…), се излажавме. Ваква бездушност ретко може да се види каде било во светот. Во истиот период, опозициските паразити и Соросовите платеници не мрднаа со прст за да помогнат. Но, затоа, пак, искршија прсти од критикување по социјалните мрежи. Каква изопаченост! Тие што гледаат сеир, ги критикуваат тие што се обидуваат да помогнат.
Да бидеме на чисто. Легитимно е да се дебатира дали УХМР и ЦУК имале шанси навремено да предупредат и покрај тоа што станува збор за невреме од тип што се случува еднаш во илјада години. Дали би се намалил бројот на жртви и причинетата материјална штета ако дрвокрадците не ги соголеа шумите на Скопска Црна Гора, ако кобниот дел од обиколницата беше подобро изграден, ако локалното население не се противеше на првобитниот план патот да минува над селото, ако во поплавените места имаше атмосферска канализација, ако мештаните не одбиваа да отстапат место за проширување на каналите… Од сите овие прашања треба да се извлечат поуки за во иднина, без да се злоупотребат за нечии партиски интереси. Но, за тоа потоа. Во моментот прва и најважна задача на целото општество е да им се овозможи на преживеаните да ги упокојат починатите и да си го вратат нормалниот тек на живот. Барањето одговорност во овој момент е само изговор да не се излезе на терен и да им се помогне на настраданите. Премногу мизерно е јавноста секојдневно да ги гледа истите платеници во улоги на политички аналитичари, безбедносни стручњаци, градежни експерти, специјалисти за цивилна заштита, метеоролози и што ли уште не… Едноставно ги бидува за сѐ, само не за да помогнат на човек во неволја.
Овие изгубени ликови во времето и во просторот не можат да сфатат дека во моментов на жителите на Стајковци, Синѓелиќ, Инџиково, Арачиново не им се потребни филозофирања, обвинувања, паметосувања, покажување лажен морал на социјалните мрежи… Потребна им е подадена рака од нивните сограѓани и лопата плус во поплавените домови. Потребна им е храна, вода, лекови, пелени… Очајно им треба да си го вратат стариот живот.
Ова беше идеална шанса за сите самодекларирани хуманисти, борци за човекови права, „слободоумни“ и „правдољубиви“ да се покажат на дело. За жал, не успеаја. Зошто? Што се случи со нивната солидарност? Каде се невладините организации и платениците на Сорос организирано да се појават на загрозените места?
Ако можеа со месеци да лежат во шатори пред Влада, зошто не можат неколку дена да поминат во Синѓелиќ, Арачиново, Инџиково…? Ако можеа да се собираат секој ден во 18 часот пред СЈО, зошто „солидарните демократи“ сега не можат да се соберат во истиот број под мотото „Секој ден во 6 часот во Стајковци сѐ додека не се обнови и последниот дом!“ Да, тоа би било интересна парола која сигурно би добила многу поголема поддршка од јавноста. Но, за разлика од „платеничката револуција“, овој пат никој не плаќа. Има и уште еден проблем. Сега треба да се реновира и да се гради, а тие знаат само да уриваат и да сквернават. Очигледно, вакви хумани акции не се предвидени во сценариото за насилно уривање на власта.
Нечовечкиот однос на опозицијата сме го виделе и почувствувале многу пати последните две години, но ова што го гледаме деновиве е врв на бесчувствителноста. Затоа ќе биде најдобро, и за нив и за жителите од настраданите подрачја, да си го продолжат одморот барем додека не се санираат штетите.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.